Изложба инспирирана од тангото со уметници од повеќе земји во галерија „КО-РА“
Уметници од Македонија, Аргентина, Мексико, Нови Зеланд, Канада, Израел, Велика Британија, Холандија, Австрија, Финска, Норвешка, Франција, Словенија, Хрватска и Турција учествуваат на традиционалната мултимедијална групна изложба посветена на „Вечното танго“ и аргентинскиот композитор Астор Пјацола, што е поставена во Галерија „КО-РА“ во Скопје.
Изложбата инспирирана од музиката на златниот период на тангото и славниот Пјацола, обединува дела од разни уметности: сликарство, графика, дизајн, скулптура, видео, инсталација, реди мејд објекти, рачно изработени дизајнерски предмети, облека и накит, музика, поезија, танц.
– Целта на овој проект е токму преку уметноста да се воспостави континуирана соработка со уметници од повеќе земји од светот со цел поширока афирмација на нашата култура и уметнoст во регионот на ЕУ, но и надвор. Изложбата, која оваа година обедини преку седумдесет учесници од петнаесет различни земји, ја потврди таа мисија која уметноста ја има да ги надминува границите и да здружува разнородни ентитети, култури и изразни сензибилитети како музиката на ова славно танго кое опстојува повеќе од едно столетие како културолошки феномен и ги обединува љубителите на оваа уметност, истакнува Виолета Калиќ, куратор на овој проект кој ги носи и обединува насловите на славните танго танци „Танго Обливион“, „Либер Танго“, „Танго Жалузије“, „Танго Нуево“.
Comments