Изложба „Животи обликувани од вода“ во Културно информативниот центар во Скопје
Во галеријата на Културниот информативен центар во Скопје овој четврток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Животи обликовани од вода”. На изложбата ќе бидат претставени дела на седум етаблирани фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија. Преку објективите на седум фотографи од регионот, изложбата „Животи обликовани од вода” раскажува приказна за непрекинатите врски меѓу луѓето и реките. На фотографиите се забележани моменти крај реките, како и различни гласови и идентитети кои ја откриваат комплексноста на нашиот однос со реките. Изложбата е дел од иницијативата „Заедно за реките”, која има цел да заштити повеќе од 400 километри реки во регионот. Иницијативата е поддржана од една од најважните меѓународни организации за заштита на природата The Nature Conservancy, а се реализира во соработка со Еко-свест од Македонија, како организациите Центар за животна средина, Нови вал и Динарика од Босна и Херцеговина, Еко-тим од Црна Гора и Еколошкото здружение Рзав од Србија. Преку оваа изложба, членовите на иницијативата сакаат да ја запознаат јавноста со својата работа, со конкретните реки на чија заштита активно работат, како и со гласовите на локалните заедници без кои нема долгорочна и одржлива заштита на реките. Со рано вклучување на локалните заедници и разбирање на нивните потреби, заштитата на природата може да донесе и нови развојни можности за жителите на овие области. Во рамките на оваа иницијатива, организацијата Еко-свест, во соработка со општината Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, започна процедура за повторно прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на демиркаписката клисура и дел од долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки. Изложбата ќе биде отворена до 15 октомври 2023 година, а влезот е бесплатен за сите посетители.
Comments