Изложба „Внатрешен сјај“ на Александра Богоеска во КИЦ на Македонија во Софија
Во галеријата на КИЦ на Македонија, денеска, со почеток од 18.30 часот, ќе биде отворена изложбата на скулптури со наслов „Внатрешен сјај“ на Александра Богоеска. Делата од изложбата се изработени од камен, а поконкретно од мермер и травертин. Авторката преку содржината на своите дела сака да ги прикаже индивидуалноста, постоењето, можностите… Со прикажувањето на своите скулптури таа преку симболите се обидува да го поттикнува разумот да ги одгатнува скриените суштествени пораки. Травертинот како материјал со неправилна текстура ги прикажува природната убавина, ранливоста, нежната емоционална внатрешност. Додека белата боја на мермерот симболично ја прикажува чистината, а нежните вертикални линии ја потенцираат женската силуета… Александра Богоеска е родена на 14.5.1985 година во Прилеп. Дипломирала на Факултетот на ликовна уметност во Скопје на отсекот вајарство – конзервација и реставрација и има реализирано самостојни изложби и групни изложби. Учествува на многубројни вајарски и сликарски колонии во Македонија и надвор од неа.
Comments