Излогот може да биде замена за галерискиот простор
25.10.2021 Oktomvri Petok
Антонио Пирковски, уметник
Уметникот Антонио Пирковски неодамна на излогот му даде поинаква димензија. Со изложбата „Неонска рефлексија“ направи симбиоза помеѓу уметноста, науката и технологијата. За момент дел од градот претвори во галерија. Неговите инсталации беа поставени во излозите на Францускиот институт и кафе-барот „Нано“ во Скопје.
Како ќе го опишете вашиот перформанс? – Концептот се состои од две инсталации, под насловот „Неонска рефлексија“, дел од проектот „Излогот како уметнички медиум“. Излогот како алтернативен галериски простор претставува посебен предизвик, не само како урбан архитектонски елемент туку и како јавен интерактивен релативно мал простор, во кој со минимум средства треба естетски да се oбликува идејата за да се испрати порака до публиката. Оттука ја избрав неонската светлина што е својствена за излозите, но и за нивната конкретна функција во урбаниот контекст. Инсталацијата за Францускиот институт ја именував „Меѓуѕвездена истражувачка станица“, зашто институтите вообичаено се занимаваат со научноистражувачка дејност. Преку колористичкото редизајнирање на куклата со рефлектирачката металик-боја, метафорично е претставен сајбер-човекот, кој ја воспоставува интеракцијата меѓу науката, уметноста и технологијата во современиот трансхуманистички контекст. Наспроти динамичната, комплексно испреплетената инсталација во кафе-барот, која ја именував „Меѓуѕвездена ласерска станица“, инсталацијата за Институтот е едноставно конципирана со елегантно разиграни вертикално позиционирани неонски елементи.
Зошто токму неонска светлина? – Неонската светлина се користи и за излозите, и таа е еден од клучните урбани елементи за осветлување на градовите. Во светот цели архитектонски комплекси се осветлуваат во разни бои. Во излогот на Францускиот институт, покрај белата, поставив и сина и црвена неонка, со кои сакав симболично да укажам на триколорот, односно на знамето на Франција. Излогот е еден од уметничките медиуми што во светот на модата одамна се практикуваат, особено во дизајнирањето на светските брендови, кои низ разни креативни концепти го достигнаа уметничкото ниво. Сѐ што нѐ опкружува е дизајн, но треба сѐ естетски да се осмисли. Во светот за големите брендови работат уметници и дизајнери.
На што треба да се посвети внимание за да се подобри ликот на градот преку излозите? – Не би можел адекватно да ви одговорам на ова прашање. Не сум обрнал големо внимание на нашите излози, особено во последниве години поради пандемијата, но знам дека не треба да бидат тезги во кои има сѐ и сешто. Претпоставувам дека самите сопственици на продавниците во трговските центри, како и големите фирми, треба да ангажираат дизајнери што естетски ќе им ги обликуваат излозите, така што повеќе ќе им го привлечат вниманието на минувачите. Излозите го презентираат ликот на градот и многу говорат за неговата визуелна култура. Визуелниот изглед на еден град зависи од голем број фактори: конфигурацијата на теренот, неговата старост, архитектонската традиција, со каква современа архитектура се надградува, проширува, потоа зависи од културната историја, од финансиската моќ на државата, од стандардот и културата на населението. Излозите се во извесна смисла и огледало на градот, тие се одраз не само на нивото на визуелната култура туку и на културата воопшто, и ни говорат повеќе отколку што можеме да си замислиме. Исто така излозите денес го рефлектираат степенот на технолошкиот развиток на човештвото, а истовремено претставуваат и отворени суптилни едукативни визуелни сегменти за минувачите.
Какви пораки може да се испратат преку излозите ако добијат уметничка нота? – Како алтернативен излагачки простор, излогот може да биде замена за галерискиот простор. Наспроти затворениот галериски простор, излогот како отворен простор, во оваа смисла, има поголема комуникативна и интерактивна предност. Тие според својата функција се достапни за секој случаен минувач или набљудувач, зашто ги одразуваат редуцираните естетски идеи на уметникот или дизајнерот, како и нивната поетика што влијае врз сензитивното поле на набљудувачите. Во нив предизвикуваат некои конкретни пријатни чувства и импресии. Во технолошки развиениот свет излозите се идентификуваат со уметноста и претставуваат своевиден ориентир за културата што се негува во мегаполисите. Исто така, излозите претставуваат збир од различни галерии што го рефлектираат идентитетот на секој град во кој доминира футуристичката архитектура, која е поврзана со хипертехнологијата.
コメント