top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Излезе од печат „Македонска историска читанка“ од Иван Глигоровски

Деновиве од печат излезе новото публицистичко дело (11-то по ред) „Македонска историска читанка“, од новинарот и публицист Иван Глигоровски. Ова не е класичен наставен учебник, туку темите и содржините што ја сочинуваат оваа книга се наменети и забележани за училишната возраст, но на поинаков начин и во друго (минато) време.

Плодниот ТВ-новинар, а денес актуелен публицист Глигоровски во ова свое најново дело нѐ враќа во историјата и на еден многу значаен настан, снимањето телевизиски емисии на македонски литературен јазик за потребите на образовната програма, поконкретно за училишната редакција на Телевизија Скопје во 1980-тите. Во соработка со својата колешка Роза Јанковска, како и режисерите Аљоша Симјановски и Коле Малинов, тој подготви педесетина текстови, научни трудови и разговори на македонски литературен јазик за првпат во поновата историја. Дотогаш се гледаа ТВ-емисии на српскохрватски и на словенечки јазик.

Во книгата се среќаваат педесетина прилози на околу 350 страници и стотина фотографии, посветени од најраната историја на Македонија, а завршуваат со современици што оставаат белег во македонското општество. Таа е поделена на седум поглавја, во која се обработуваат теми и содржини од периодот на доаѓањето на Словените на овие простори, илинденскиот период и НОБ, настани во самостојна Република Македонија. Застапени се прилози за Гоце Делчев, Питу Гули, Димо Хаџи Димов, Крсте Мисирков, браќата Миладиновци, Ѓорѓија Пулевски, Кочо Рацин… Во последното поглавје се застапени ликот и делото на академик Милан Ѓурчинов, Вера Стојчевска-Антиќ, Михајло Георгиевски и Илија Велев.

Текстовите и научните трудови се подготвени од академиците Манол Пандевски, Гане Тодоровски, Блаже Ристовски и други научни работници, кустоси, историчари. Со свои записи учествуваат и Александар Алексиев, Верољуб Андоновски, Владимир Шопов и др. Најголемиот број на содржините ги пишува и уредува авторот на книгата, Иван Глигоровски. Содржините се посветени на создавањето на македонската револуционерна организација, 40 години од излегувањето на дневниот весник „Нова Македонија“, на неделникот „Млад борец“, на започнувањето со работа на Радио-телевизија Скопје, за првите стенографи во Македонија.

Според рецензентот Васил Дрвошанов, низ вештото перо на авторот се дава јасна слика за клучни настани и дејци од областа на историјата, литературата, културата и образованието што го носат предзнакот македонство, видени низ призмата на луциден набљудувач во деветтата деценија од 20 век.

Иван Глигоровски (1948) е автор на дванаесетина дела од областа на историјата, народното творештво, образованието и македонскиот јазик.


3 views

Comments


bottom of page