top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Издавачките куќи со препорака: Книгата е верен сопатник секое лето, патувајте со добро друштво

“Интересот на читателите е навистина разновиден, се чита и белетристика, и класици, популарна психологија и наука, но секако најпопуларни се секогаш романсите, трилерите и историските драми, што е разбирливо, бидејќи се идеални книги за релаксација и одлично друштво на секое патување“, посочува Бојан Саздов од издавачката куќа “ТРИ“. И од издавачката куќа “Арс Ламина“ потврдуваат “Книгите се верни ‘сопатници’ на секој летен одмор. Без разлика дали времето ќе го поминете на плажа, во природа надвор од градот, ќе отпатување до некоја метропола…, уживањето секогаш е комплетно со добар избор за читање“

“Интересот за книгите во летниот период е секогаш зголемен, сите сакаме слободното време и одморот да го поминеме во друштво на добра книга“, вели Бојан Саздов од издавачката куќа “ТРИ”. Токму оваа изјава ја потврдувааат и бројните читатели кои и на овие високи температури ги полнат книжарниците барајќи соодветно четиво кое ќе го понесат на патување. Независно дали летниот одмор ќе го поминете на плажа, во планина или разгледувајќи ги знаменитостите на некоја метропола, секогаш останува довоно време да се релаксирате со интересно четиво кое дополнително ќе ви ги збогати видиците.


“Овој период го посветуваме на убавите книги и преку Летниот фестивал на книгата во нашите книжарници промовираме одлични летни новитети, даваме препораки за читање, нудиме попусти на сите изданија и дополнителни поволности за сите кои сакаат да прочитаат повеќе. Интересот на читателите е навистина разновиден, се чита и белетристика, и класици, популарна психологија и наука, но секако најпопуларни се секогаш романсите, трилерите и историските драми, што е разбирливо, бидејќи се идеални книги за релаксација и одлично друштво на секое патување“, посочува Саздов. Од издавачката куќа “ТРИ“ препорачуваат и неколку наслови кои сигурно ќе го привлечат вниманието на читателите.

-“Се случи едно лето“ од Теса Бејли е еден од најголемите хитови ова лето и книга во која ќе уживаат сите љубители на добрата и забавна романса. “Љубовна хипотеза“ од Али Хејзелвуд, е меѓу најпопуларните романи објавени оваа година во светот. “Храброста да се биде свој“ од Ичиро Кишими е за сите што посакуваат среќен живот, книга која на едноставен и јасен начин дава одговор на големите животни прашања. “Детето на месечевата светлина“ од Карен Мекквешчен, пак, е за сите што бараат возбуда – вознемирувачки и емотивен трилер што нема да ве остави мирни сè додека не откриете сè за вашите соседи, и “Големиот Гетсби“ од Ф. Скот Фитцџералд во нов, одличен превод на македонски јазик, бидејќи летото е идеално време за препрочитување на омилените класици, додаваат од “ТРИ“.

И од издавачката куќа “Арс Ламина“ потврдуваат “Книгите се верни ‘сопатници’ на секој летен одмор. Без разлика дали времето ќе го поминете на плажа, во природа надвор од градот, ќе отпатување до некоја метропола или, пак, ќе се релаксирате во вашето омилено катче во домот, уживањето секогаш е комплетно со добар избор за читање“.

„Арс Ламина“ овој период ја збогати понудата со нови интернационални бестселери, мотивациски книги и современи класици. На почетокот на летото како што велат, голем е интересот за романите со историска фикција: „Невидливиот живот на Ади Лару“ од В. Е. Шваб, „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин, „Хамнет“ од Меги О’Ферел…; како и книгите од бестселинг-авторките: Тејлор Џенкинс Рејд („Седумте мажи на Евелин Хуго“, „Дејзи Џонс енд Д сикс“ и најновата „Малибу во пламен“), Луиз Џенсен („Семејство“, „Рандеву“, „Сестрата“…), Лијан Моријарти („Три желби“, „Девет совршени туѓинци“)… Мошне се барани и новите изданија на светските класици: „Сто години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес, „Се викам црвена“, „Жената со црвена коса“ и „Истанбул“ од Орхан Памук, како и книгите од творештво на Милан Кундера. Летото не може да помине без добри детективски романи, па и оваа година меѓу најбараните, велат од “Арс Лмина“ се добро познатите романи на Агата Кристи, книгите за славниот детектив Шерлок Холмс од Артур Конан Дојл: „Студија во скарлетна боја“, „Авантурите на Шерлок Холмс“, „Баскервилскиот пес“ и книгите од серијалот за крадецот-џентлмен Арсен Лупен од Морис Леблан.

-Летниот одмор е идеален за да посветите време за себе, за своето ментално здравје и за својот личен развој. Изминатиот период, во светски рамки и кај нас, многу се бараат мотивациски книги со ваква тематика, од кои ги издвојуваме: „Здив: нова наука за една загубена уметност“ од Џејмс Нестор, „Четири илјади седмици“ од Оливер Буркеман, „Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос… Летно време се читаат и биографиите, од кои најнови се збирката размисли од најбогатиот човек во светот – Џеф Безос „Да се смислува и да се талка“, а има интерес и за „Младиот Кастро“ од Џонатан М. Хансен, „Моите изуми“ од Никола Тесла и други, велат од Арс Ламина.

Ирина Тумбовска, уредник за комуникации во „Антолог“ ни посочи “Летото е секогаш синоним за читање книги, дали покрај море, езеро, река, под некоја дебела сенка во планина, па дури и на балкон рано наутро, додека градот е сè уште тивок, или удобно сместени во фотелја ноќе, кога времето е претопло за спиење. Времето поминато во друштво со добра книга е бесценето и ние навистина се радуваме што имаме сè повеќе читатели кои со нетрпение го очекуваат секое наше издание. Токму поради нив, секогаш пред сезоната на одмори објавуваме нови книги, правиме атрактивни акции и патуваме со книжарницата на тркала низ цела Македонија“. Таа истакнува дека имаат секаков вид на читатели. Некои сакаат крими, мистерии, трилери… некои на плажа сакаат да понесат нешто полесно за читање: љубовни приказни, авантури, историски драми… други пак сакаат наградувани автори, биографии, мотивациони книги…

Од “Антолог“, пак препорачуваат некои од нивните најнови изданија и притоа опфаќаат различни жанрови. “28 лета“ од Елин Хилдербранд -кратката летна викенд-романса од пред дваесет и осум години се претворила во афера што трае исто толку време. По дваесет и осум години поминати во слатка агонија и исчекување, ова лето ќе се смени сѐ… “Вознемирени луѓе“ од Фредрик Бакман, потресен и шармантен роман за злосторство што никогаш не се случило, потенцијален разбојник и осуммина крајно вознемирени странци, кои сметаат дека имаат повеќе заедничко отколку што замислувале. “Збогум, сеништа“ од Надја Теранова, книга која раскажува за опседнатоста со загубата, таа борба гради в гради што сите мора да најдеме начин да ја преживееме. Кратката најава за романот “Манипулант“ од Јуси Адлер Олсен е “истрагата за смртта на преубавата средношколка Алберта, која пред седумнаесет години исчезнала од училиштето, а потоа била пронајдена како виси на дрво крај патот, ќе го донесе Карл Марк до чуден култ и до неговиот харизматичен водач, човек што е необично привлечен за жените… Последниот, но не и помалку атрактивен за читателите, напротив, е романот “Дај си петка! од Мел Робинс. Во оваа книга не се зборува за тоа дека на сите личности во својот живот треба да им „Давате петка!“. Вие тоа и онака веќе го правите. Замислете со иста таква љубов и охрабрување да се опсипувате себеси. Или, уште подобро, замислете тоа да ви стане секојдневна навика.

Од “Македоника Литера“, исто така имаат свои фаворити за ова лето.

“Во овој период интересот е поголем за преведените романи и за кинеската литература, посебно за старокинеската филозофија“, вели Нове Цветановски од “Македоника Литера“. Од оваа издавачка куќа ги препорачуваат и другите книги, како „Дона Алба“, романот на Џиб Михаеску кој ѝ припаѓа на врвната романска и европска проза на дваесеттиот век, а кај нас е првпат преведен и публикуван, грандиозен роман во секој поглед. Втора препорака е романот „Катерина, Велика и Мала“, од црногорско-хрватската писателка Оља Кнежевиќ, кој беше победник на конкурсот за необјавен роман на издавачката куќа ВБЗ од Загреб во 2019, и е хрватски бестселер. Авторката пишува директно, без задршка, без предрасуди и со страст за многу женски теми и дилеми…

“Предлагаме и две понови извонредни прозни книги од кинеската литература, кои истовремено се соодветни и за младите и за возрасните читатели – романот „Бадникова вечер“ од Хуан Беиѓиа и книгата со фантастични и делумно хорот новели „Ноќта со змејот“ од Пенг Ји. Тоа се современи дела од современи автори за современи читатели. И уште една книга за младите читатели – „Моите приказни“ на Киро Донев. Таа е избор од најдобрите раскази на македонски автор кого младите читатели многу добро го знаат“, додава Цветановски. (Д.Т.)






1 view

Commenti


bottom of page