top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изворниот македонски мелос во изведба на „Синтезис“ одекна во Античкиот театар

Гостин на вечерта на „Синтезис“ беше македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски, кој заедно со нив отсвири неколку нумери. Роденденскиот концерт го проследија министерката за култура Ирена Стефоска, амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз, амбасадорите на Руската федерација и на Франција, Сергеј Баздникин и Сирил Бомгартнер, како и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески

Изворните македонски песни „Филка мома“, „Садила Јана“, „Мома Катерина“, „Јана Малешевка“, „На сред село чешма шарена“… во изведба на нашата позната етно –група „Синтезис“, вчеравечер одекнаа во полниот Антички театар. Со овој концерт кој беше проследен со голем интерес од публиката, се одбележа 61. роденден на најголемата културна манифестација во државата „Охридско лето“.

Членовите на музичкиот состав „Синтезис“ изведувајќи стари македонски песни поткрепени со традиционалните народни инструменти, направија извонредна атмосфера, но и покажаа дека изворниот македонски мелос е неисцрпен извор на инспирација врз кој можат да се создаваат и современи аранжмани.

Пред присутните во Античкиот театар беа изведени нумери од сите досегашни албуми на групата создадени во текот на изминатите 27 години, меѓу кои и „Гоцева 3“, „Думардија“, „Смилјана“, „Блажена Горо“, „Што е лудо“…

„На ‘Охридско лето’ се презентирани пет-шест изданија на „Синтезис“. За нас е голема чест пред многу публика во која има и странци, да го презентираме нашиот израз на македонската музика и тоа што го носиме во нашите корени“, рече Ванчо Јовчев, клавијатуристот во групата честитајќи му го притоа роденденот на фестивалот.

Во роденденскиот концерт, на „Синтезис“ им се придружи како гостин познатиот македонскиот виртуоз на гитара со светско реноме Влатко Стефановски, кој заедно со нив отсвири неколку нумери.

Целиот овој музички настап кој беше награден со бурен аплауз го проследија министерката за култура на Македонија, Ирена Стефоска, амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз, амбасадорите на Руската федерација и на Франција, Сергеј Баздникин и Сирил Бомгартнер, како и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

Интересно за групата „Синтезис“ е тоа што ги третираат старите, заборавени, а понекогаш и речиси нечуени песни, кои се дел од богатото македонско музичко наследство. Со тоа што ја чуваат и промовираат македонската традиционална музика тие претставуваат амбасадори на македонската култура насекаде во светот.





1 view

Comments


bottom of page