Изведба на операта „Травијата“ од Џузепе Верди на 31 октомври
Една од најомилените претстави на македонската публика, операта „Травијата“ од Џузепе Верди, ќе се изведе на сцената на Националната опера и Балет на 31 октомври, со почеток во 20 часот. Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, креирајќи моќна продукција чии главни атрибути се смелото сценско дејство и визуелниот квалитет, сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова. Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон настапува Благој Нацоски, во улогата на Жорж Жермонж – Марјан Јованоски, во другите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска-Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет. Еден од темелите на светскиот оперски репертоар, партитурата на „Травијата“, изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертните подиуми во светот. Токму генијалната музика, но и комплексното безвременско либрето, напишано според романот „Дамата со камелии“, и живописните ликови, кои зборуваат за универзалноста на човековата природа, ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди.
Comments