Избрани дела во пет тома на Блаже Миневски
05.05.2022 Maj Cetvrtok
По повод шеесетгодишнината од раѓањето на познатиот македонски писател Блаже Миневски, „Матица македонска“ од Скопје објави избрани дела во пет тома од неговиот бoгат раскажувачки и романсиерски опус. Во првиот том насловен „Да речиме уште една“ се публикувани расказите, а во другите четири тома романите „Нишан“, „Свирци“, „Мемоарите на една млечка“, „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“, „Мрежата на Мамли“ и „Фантомско стапало“. Книгите се проследени со толкувања од Јустина Млецак, Митко Маџунков, Венко Андоновски, Марија Проскурнина, Оливера Ќорвезироска, Ефтим Клетников, Стефан Влахов-Мицов, Марија Ѓорѓиева Димова, Душан Стојковиќ, Јордан Плевнеш и други. Во расказите на Миневски ништо не е како во стварноста, иако сè е преземено од неа. Како своевиден дестилат на вековната усна македонска народна раскажувачка традиција, неговата проза минува низ специфичен хумор, но и низ горчината на животот, движејќи се од реалност кон фикција, од запис преку репортажа и фељтон до омајна проза.
Како и другите книжевни дела, „Нишан“ е повеќеслојна, поетска и оригинална проза, блескав, интертекстуален роман. Секој што бара потврда за високиот квалитет на современата европска литература, мора да го прочита овој извонреден роман на Миневски, пишува Јустина Млецак во својот есеј за полското издание на „Нишан“. Романот „Свирци“ е исклучителен роман совршено вкотвен во незаштитениот простор меѓу балканскиот магичен реализам, раскажувачкиот сјај на постмодернизмот и алегорискиот наративен претек, преслик и пресек на „сега и овде“, пишува Оливера Ќорвезироска во поговорот за овој роман. Романот „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ е напишан со супериорна, мајсторска леснотија и стилска сугестивност. Приказната за суровиот свет, Миневски ја раскажува низ една набабрена, барокна, сатирична нарација од првата до последната страница. Раскажувањето е убедливо и сугестивно, а реалноста е болно објективна, изведена и развиена со една литерарно инвентивна и крајно изострена, веристичка опсервација, со која силно се нагласува апсурдот на егзистенцијата во ова време без добрини, констатира Ефтим Клетников.
Според Митко Маџунков, „Фантомско стапало“ е роман што се чита со голема возбуда и естетска радост како врвно дело на мајстор за поетски слики, животна убедливост и документарност. A романот „Мрежата на Мамли“ е уште еден бесценет наратив на Блаже Миневски, кој влијае врз иднината на македонската литература, а посебно врз иднината на романот како жанр, констатира Венко Андоновски. Блаже Миневски е
автор на девет романи, седум драми и три книги раскази. Романите на Миневски се преведени на англиски, руски, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески, српски, полски и на италијански јазик, а со свои раскази е застапен во речиси сите антологии на кратката проза објавени последните триесетина година во Македонија и надвор од неа. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „Рациново признание“.
Comentarios