top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Избрана поезија „Како е тоа?“ од Лидија Димковска објавена во Велика Британија и во Хрватска

„Лидија Димковска, која е еден од водечките писатели на југоисточна Европа, пишува како никој друг. Во овие Избрани песни, беспрекорно преведени, ја слушаме горчината на нејзиното интелигентно сочувство, начинот на кој таа ги преплетува фантазијата и горчливото искуство и како нејзиниот трагачки поетски поглед лови тешки вистини“, истакнува британската поетеса Фиона Сампсон во својата рецензија за книгата на Лидија Димкоска.

Имено, изборот на нејзина поезија „Како е тоа?“, претежно од нејзините две последни поетски збирки „Црно на бело“ (2016) и „Гранична состојба“ (2021, награда „Браќа Миладиновци“), е објавена во Велика Британија и во Хрватска. Книгата во препев на англиски јазик на Љубица Арсовска, Патриша Марш и на Пеги Рид ја објави британската издавачка куќа „Wrecking Ball“, која на корицата на книгата помести три куси рецензии. Британската поетеса Хелен Морт, пак, истакнува дека овие песни се „болни, забавни, мудри, разоружувачки“, а Гоце Смилевски истакнува дека тоа се „песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети кои отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Лидија Димковска“.

Книгата во препев на хрватски јазик на Борјана Прошев-Оливер ја објави хрватската издавачка куќа „Сандорф“, а уредникот на корицата на книгата истакнува дека „Димковска поседува силен, радикален поетски исказ ‘црно-бело’ што би го посакале многумина поети, без разлика на нивниот пол-род-националност-раса.

Димковска е авторка која читателот мора да ја совлада со критичката моќ на сопствената острина, радикалност и подготвеност за болни ‘гранични состојби“ и катарзични искупувања“. Наскоро, избрана поезија од Лидија Димковска ќе излезе и во препев на бугарски јазик на Поли Муканова, во издавачката куќа „ДА“ во Софија.


1 view

Comments


bottom of page