Избран идеалниот тим на сезоната на машката Суперлига
18.06.2024 Juni Vtornik
РАКОМЕТ
По мошне возбудливата и неизвесна натпреварувачка сезона во првенството на машката Суперлига на Македонија, каде што шампионот беше познат по завршувањето на последното коло, избран е олстар-тимот за сезоната 2023/2024. Во организација на спортскиот портал „24Ракомет“ се гласаше за десет различни категории, а во секоја категорија имаше номинирано по пет кандидати.Гласањето беше организирано онлајн, а забележани биле вкупно 108.316 гласа, што е зголемување во однос на минатата сезона. Притоа ниту еден играч што лани беше во идеалниот тим, годинава не успеа да влезе во него. Збирот од гласањето во сите три категории (публика, новинари и редакцијата на „24Ракомет“) ги даде победниците за секоја позиција во идеалниот тим на сезоната.Така, во идеалниот тим на сезоната се голманот Мартин Томовски (Вардар), левото крило Марко Срдановиќ (Вардар), левиот бек Филип Кузмановски (Еурофарм Пелистер), средниот бек Косуке Јасухира (Вардар), десниот бек Нејц Цехте (Еурофарм Пелистер), десното крило Гал Цирар (Охрид), пикерот Милан Лазаревски (Вардар), дефанзивецот Денис Васиљев (Еурофарм Пелистер) и младиот ракометар Иван Галевски (Алкалоид). Тренер на тимот на сезоната е Бранислав Ангеловски (Еурофарм Пелистер).Од новинарите во изборот гласаа Игор Паневски (Телма), Тања Димитриоска („Нова Македонија“), Трајан Маневски („Спортманија“), Зоран Мишевски („Гол“), Југослав Костовски (МТВ), Зоран Видевски (МТВ), Ристе Влахов (Спортско Радио 90,3) и Стефан Крстески („Слободен печат“). Г.И.
Comments