Идентичен рецепт: Чави го прави со Пике она што Луис Енрике го направи со него
Угледните медиуми од Каталонија на почетокот на оваа седмица информираа дека Чави Ернандес му испратил јасна порака на Жерард Пике, односно му најавил дека нема да биде стартер во новата сезона и дека е слободен да си оди доколку е незадоволен од неговата одлука. Интересно, искусниот стопер без проблеми го прифатил овој став на тренерот и искрено и пријателски говорел со него на состанокот кој го имале на 2-ри јуни, на кој Пике нагласил дека не планира да се откаже и дека ќе остане во тимот за да му помогне кога тоа ќе биде потребно. Пике дознал дека нема да биде стартер и ќе мора да се бори за својот статус, но неколку дена по првата сторија, со интересна вест денеска излезе „Мундо Депортиво“. Познатиот весник открива дека Чави го применил рецептот кој Луис Енрике го примени со него пред неколку години, кога популарниот „Лучо“ му нагласил дека Ракитиќ ќе има место пред него во стартната постава. Тогаш Чави реши да остане и во споменатата сезона одигра 31 натпревар и ја освои титулата во Лигата на шампионите во Берлин, па случајот на Пике наликува многу на неговиот, со тоа што тој сега е оној кој носи тешка одлука. Останува да видиме каков ќе биде одговорот на Пике, бидејќи 35-годишниот стопер има договор до 2024-та година и најверојатно планира да го испочитува истиот, без оглед на статусот кој го има во последните две сезони.
Comments