Играта од второто полувреме е рецепт за дуелот со Холандија
Updated: Jun 19, 2021
19.06.2021 Juni Sabota
Играта во второто полувреме против Украина во кое Македонија беше офанзивна, го притискаше противникот и создаваше шанси, треба да биде рецепт за последниот дуел од групата фаза на Европското првенство (ЕП), против Холандија во Амстердам, в понеделник, како што смета селекторот Игор Ангеловски.
– Одигравме меч со две различни полувремиња. Во првото полувреме целта беше да влеземе попретпазливо, а она што го видовте во второто полувреме беше план без разлика на резултатот. Во второто полувреме покажавме зошто сме на Европското првенство и дека оваа Македонија има квалитет за европско првенство. А кога навивачите ќе ве испратат со громогласен аплауз нас, ни останува криво што не успеавме да дојдеме до позитивен резултат – кажа Ангеловски на прес-конференцијата по мечот со Украина.
Селекторот истакна дека неговите избраници покажале оти заслужено се на ЕП.
– Победени сме но не и поразени. Моите фудбалери покажаа дека заслужено се на Европското првенство. Им кажав дека и против големата Холандија треба да одиграат како во второто полувреме против Украина – објаснува македонскиот стратег, додавајќи дека македонските фудбалери се навикнуваат на притисокот на ЕП.
Тој се надева дека Македонија ќе се претстави во добро издание и ќе стигне до позитивен резулат во мечот против фаворизираната Холандија во Амстердам.
– Се надевам дека Македонија добро ќе се претстави против Холандија и дека ќе успееме да стигнеме до првите бодови на ЕП – порачува Ангеловски.
コメント