Ивковиќ и Кирјаковска за првиот детски театарски практикум: „Од игра до претстава“ е креативна алатк
„Во денешно време, во кое социјализацијата, интеракцијата меѓу децата, младите, па и возрасните е сведена на минимум, а со тоа и креативните изразувања од нивна страна се недостапни за пошироката јавност, веруваме дека овие театарски игри вметнати во прирачникот, ќе придонесат за подобар развој кај децата и младите“, вели Афродита Кирјаковска која заедно со режисерот Игор Ивковиќ се автори на првиот детски театарски практикум во нашата земја насловен „Од игра до претстава“
Практикумот „Од игра до претстава“ од авторите Игор Ивковиќ и Афродита Кирјаковска е наменет за деца од предучилишна и училишна возраст, за нивните обучувачи и наставници и има за цел да ги поттикне креативноста, личните емоционални, интелектуални и социјални компетенции кај младите.
Кое е значењето на првиот детски театарски практикум и како дојдовте на идеја за негова реализација? Што ве поттикна?
ИВКОВИЌ: Идејата за реализација на овој практикум е стара десетина години, исто колку што постои и истоименото училиште за театар „Од игра до претстава“. Практикумот беше желба и стана реалност не само за мене, туку и за колегите Миодраг Костиќ, продуцент и Дарко Вељиќ, актер и пантомимичар, со кои почна успешната едукативна приказна, но и за Афродита Кирјаковска, која повеќе од четири децении активно едуцира деца и млади во областа на театарот. Сите театарски игри, застапени во книгата се сублимат на нашите долгогодишни истражувања на оваа тема. Формални и специјалистички обуки, учества на бројни семинари, работилници, интернационални фестивали на кои се споделуваа најразлични искуства и методологии за работа во театарот. Од многуте игри, од најразлични категории и теми, кои низ искуството сме ги стекнале, заедно со Дита успеавме да адаптираме, модифицираме во ова издание стотина кои се корисни за различни возрасти на ученици. Нашите истражувања за играта беа во насока, не само како социјална активност, туку и како креативна, интелектуална, емоционална алатка преку која се збогатува и формира личноста. Нашата соработничка и колешка Ирена Илиевска, актерка исто така има свој придонес во практикумот, посветувајќи една мошне важна тематска целина, а тоа е за игрите и вежбите за: глас, говор и дикција, прилагодени за деца, младинци и возрасни. Да се зборува јасно, правилно и да се негува македонскиот јазик е исто така важен аспект во нашата едукација.
КИРЈАКОВСКА: Сметавме дека можеби токму сега е времето да ги споделиме со публиката. Во денешно време, во кое социјализацијата, интеракцијата меѓу децата, младите, па и возрасните е сведена на минимум, а со тоа и креативните изразувања од нивна страна се недостапни за пошироката јавност, веруваме дека овие театарски игри вметнати во прирачникот, ќе придонесат за подобар развој кај децата и младите. Користејќи ги истите во поголеми групи на учесници, може да ги подобрат важните социјални, интелектуални и креативни капацитети кај нив. Моето лично децениско искуство, покажало дека истите се податни за работа и со повозрасни ученици и сите оние кои сакаат да ги спознаат тајните на театарската уметност, но и да стекнат подобри социјални и емоционални вештини на живеење.
„Од игра до претстава“ содржи стотина практични театарски игри поделени во осум тематски целини. Може ли малку подетално објаснување за неговата содржина?
ИВКОВИЌ: Во практикумот игрите ги поделивме според теми за кои тие се однесуваат. Секоја наша работилница, или час со учениците кои посетуваат настава во „Од игра до претстава“, започнува со театарски игри за запознавање, затоа што е мошне важно тимот кој соработува да има доволно предзнаења секој за секого, не само за личните имиња, туку и за емоционалните, креативните капацитети на другиот и со помош на таквите игри да научат да се прифаќаат различностите. Со овие игри, учениците не само што се запознаваат, туку ги учат и емоциите, како наша главна тематска определба.
КИРЈАКОВСКА: Секое претставување на лично име, низ најразлични форми се покажува со среќа, тага, разочараност и други емоции, кои се особено важни во психолошкиот развој кај децата. Или кога работиме на невербални игри, како што е на пример: поставување статуи, фотографии, пантомима со помош на нашите тела, учениците исто така работат на типот и различните емоции кои секој од нас луѓето ги има. Сметаме дека тоа е особено важно за детскиот развој и со помош на овие игри, децата полесно ги прифаќаат, разбираат и прифаќаат различните емоции со кои во текот на животот сите ние се соочуваме. Потоа секој час продолжува со игри за концентрација, кои низ забавен начин ја подобруваат внимателноста и фокусот кај учесниците, со игри за сценско движење и раздвижување, за имитација, импровизација, креативно творештво, насочена фантазија, со кои децата и учесниците, ги осознаваат основните техники на сценското движење, говорот, ја поттикнуваат креативноста за пишување, имагинативноста, со помош на истите создаваат најразлични изведбени етиди, односно вежби во форма на монолози, дијалози и мини претставички на секој од нашите часови.
Колку децата и младите се заинтересирани за актерска игра како професионална определба, а колку ја практикуваат за да бидат послободни во изразот, да се социјализираат?
ИВКОВИЌ: Во воведникот на изданието преку примерот на наша ученичка од првите генерации во училиштето за театар „Од игра до претстава“, објаснуваме како овие игри помагаат и интровертните да стекнат поголемо ниво на самодоверба, да го надминат стравот и срамот од јавен настап пред публика. Се случувало низ годините, родители да ги зачленат своите деца не со желба да станат актери, режисери, писатели, туку да станат добри луѓе кои се прифаќаат себеси и другите во сите нивни најубави форми. Последните години, а особено последните две пандемиски во кои живееме, интересот за ваков тип едукација, не само театарска станува поголем. Веројатно како последица од начинот на кој денес функционираме и потребата од сè поголема лична и колективна интеракција.
КИРЈАКОВСКА: Среќни сме што, голем број наши поранешни ученици кои почнале кај нас на своја пет или шест годишна возраст, сега се професионални актери, режисери, драмски писатели со кои и соработуваме. Дел од учениците не продолжуваат во овие професии, се определуваат за други, но секогаш кога ќе се сретнеме зборуваме колку овие игри застапени во практикумот им се и ден денешен драги и помогнале во нивниот личен развој и професионалниот ангажман што го работат, а е различен од театарот. Една од најважните аспекти на овие игри е тимската работа. Комплетното прифаќање на групата, функционирањето како еден. Со помош на овие игри, тие учат како да ги разберат своите моментални емоции и да ги препознаат само со поглед. Тоа е важно во секојдневието, а особено додека се на сцена при изведба на претстава. Да знаат како да се разберат со поглед, гест, мимика. Да си помогнат за најразлични проблеми и да најдат решенија на истите.
Колку и како твојата работа и искуство на детски претстави како режисер, но и работата со деца придонесе да се реализира ваква книга?
ИВКОВИЌ: Несомнено дека нашата професионална определба и посветеноста во детската театарска продукција има влијание и за оваа книга. Детската креативна енергија е неисцрпна и секогаш мотивирачка. Секој од нас што сме ја одбрале оваа професија, е сè уште дете кое неуморно сака да се игра и креира. Фасциниран сум од енергијата и на мојата драга колешка Дита, која е пример за неуморниот детски, театарски дух, од која сите ние сè уште можеме да учиме и да ги откриваме најразличните аспекти на една иста игра. Тоа е и впрочем убавината во играта. Таа никогаш не може да биде досадна. Секое повторување во секој од нас буди нови моменти, радости, задоволства, нови одговори за нас, за другите, за околината, за емоциите. Затоа играме и креираме. (Н.И.Т.)
Comments