Ивановски надигра далеку подобро рангиран тенисер и се пласираше во осминафиналето во Јокохама
Откако ги мина квалификациите во Јокохама, Калин Ивановски направи голем резултат и на стартот на главниот турнир во Јапонија, бидејќи рано утрово славеше победа над далеку подобро рангиран тенисер.
Најдобриот македонски тенисер најде решение за 152-от на АТП листата и успеа да слави со убедливи изданија во првиот и третиот сет, во кој на Зизу Бергс му препушти само три гејма.
Белгиецот влезе како фаворит во дуелот поради подобриот ранкинг, но тоа не успеа да го спроведе на терен, пред се благодарение на агресивната игра на Калин.
Ивановски почна фуриозно и го доби првиот сет со 6:1, потоа во вториот имаше голема борба и истиот му припадна на Бергс со 7:5, додека во одлучувачкиот сет, Калин повторно беше на висина на задачата.
Македонецот славеше со 6:2 и се пласираше во осминафиналето на Челинџерот во Јокохама, каде го чека шестиот носител на турнирот, Италијанецот Лука Нарди кој е 118-ти на АТП листата.
コメント