Иванишевиќ со прогноза за Ѓоковиќ: Никогаш не може да го направите тоа кога е Новак во прашање
06.11.2024 Noemvri Sreda
Новак Ѓоковиќ ја заврши 2024-та година без освоен грен слем турнир и остана на 24-те кои ги освои во досегашната блескава кариера, но дефинитивно вистински хајлајт за него беа Олимписките игри во Париз, каде искусниот тенисер успеа да стигне до златниот медал.
Уште на самиот старт на сезоната, Ноле нагласи дека цел број еден му е олимпиското злато, па иако на останатите турнири не изгледа доволно добро како до минатата сезона, Горан Иванишевиќ се уште не го отпишува најголемиот грен слем шампион на сите времиња.
Хрватот во иднина ќе работи на ВТА турот како тренер на Елена Рибакина, но запрашан од „Спорт Клуб“ каква прогноза има за Ноле во 2025-та година, популарниот „Зец“ го даде следниот одговор:
– Не можам да знам дали е мотивиран и колку е мотивиран. Но, во моментот кога ќе одлучи да игра, тоа значи дека е мотивиран. Синер и Алкарас достигнаа ново ниво, тие се над сите други останати, но Новак го вклучувам во нивната група. Кога навистина му се игра тенис и кога е фокусиран, тој се уште е најдобар во светот по мое мислење.
– Друга работа е дали сака да игра и колку сака да игра. Го видовме тоа на Олимписките игри, ако излезе на теренот како што излезе во Париз, се уште може да освојува грен слем титули. Многу работи ќе зависат и од неговиот ранкинг, од тоа каков ждреб ќе добива. Ќе има многу фактори за гледање, вклучувајќи и тоа во која фаза вкрстува со Синер и Алкарас. Според мене, Ноле се уште може да освојува грен слем трофеи. Никогаш не може да го отпишете Новак, никогаш не треба да го направите тоа со него, – вели Иванишевиќ.
Comments