Ива Дамјановски на „Поетри интернешнал“ во Ротердам
14.06.2024 Juni Petok
Македонската поетеса Ива Дамјановски беше претставена на поетскиот фестивал „Поетри интернешнал“ во Ротердам, Холандија. Фестивалот е еден од најреномираните европски поетски фестивали, член на платформата „Версополис“, а годинава го имаше своето 54. издание со исклучително богата и разновидна програма. Дамјановски настапи во главната програма, на поетското читање што се одржа во мултимедијалниот центар „Зудплејн“, каде што секој автор пред својот настап беше претставен со специјално создадено мултимедијално видео. Таа исто така беше дел од интерактивната и мошне интересно осмислена „просторна“ поетска дебата, каде што поетите учесници ги изразуваа своите ставови и преку просторно позиционирање на сцената.Дамјановски имаше можност во траење од половина час да прочита избор од својата поезија, а потоа да ги претстави своите поетички ставови во разговор со модератор. Нејзиниот настап наиде на исклучително добар прием кај публиката, која ја исполни салата до последното место. Инспирирани од поезијата на Ива Дамјановски, студентите од академијата „Вилијам де Кенинг“, дизајнираа специјален плакат во состав на серијата плакати инспирирани од поезијата на учесниците во главната програма на фестивалот. Учеството на Ива Дамјановски беше овозможено од платформата „Версополис“ за поголема мобилност и афирмација на младите поети во подем, дел од „Струшките вечери на поезијата“.
Comments