top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Ибрахимовиќ незапирлив и на 40 години

02.11.2021 Noemvri Vtornik

ФУДБАЛ

Швеѓанецот Златан Ибрахимовиќ, кој на 3 октомври наполни 40 години, постигна еден гол, од слободен удар, и изнуди пенал што доведе до вториот гол на Милан за победата на гости кај Рома, со 2-1, во 11-то коло во италијанската фудбалска Серија А. Милан, 18-кратниот првак на Италија, стана четвртиот тим во историјата на Серија А што победил на 10 од првите 11 натпревари во сезоната, по Рома, Наполи (двапати, вклучувајќи ја и сезонава) и Јувентус (двапати). Милан е на делба на првата позиција на табелата, со ист број бодови како и Наполи, 31. Актуелниот шампион, Интер, е трет, со 24 бода. Викендов се игра големото градско дерби Милан – Интер. – Секогаш, и сега и порано, сакам да изненадувам, се обидувам да направам нешто. Неуспехот е дел од успехот, затоа продолжувате да се обидувате повторно. Обично, топката оди побрзо, најмалку 200 километри на час. Се чини мојот удар забави поради моите години – прокоментира Ибрахимовиќ за слободниот удар, чија измерена брзина изнесуваше 101 км/час.

За Ибрахимовиќ голот постигнат на средината од првото полувреме од слободен удар низ живиот ѕид на Рома беше трет сезонава, 150-от во Серија А и 400-от во домашните првенства во кариерата. Првиот гол тој го постигна пред 22 години, на 30 октомври 1999 година, како 18-годишник, за Малме, во Првата лига на Шведска. Покрај Малме, тој играше и за Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, ПСЖ, Манчестер јунајтед, ЛА Галакси и за репрезентацијата на Шведска, за која на 118 натпревари постигна 62 гола. Тој освои 11 титули во четири земји (Холандија, Италија, Шпанија и Франција), или вкупно 33 трофеи, од кои најмногу, четири титули, со ПСЖ во француската Лига 1. Признанието за најдобар фудбалер на Шведска го добие рекордни 12 пати.

Со оглед на неговите години, многумина претпоставуваат дека кариерата ќе ја заврши на „Сан Сиро“, но тој вели дека би можел да игра фудбал и по завршувањето на договорот со Милан. – Тајната на мојата долговечност е во умот, бидејќи се обидувам да докажам дека 40 е само бројка и оти можам да продолжам да го правам она што го сакам. Се обидувам да се подобрувам секој ден. Очигледно, не можам да играм како порано, но сега сум поинтелигентен и имам повеќе искуство. Не сум изненаден од моите настапи бидејќи јас сум најдобар. Немам што повеќе да докажувам, но не сакам да се повлечам и потоа да се каам – изјави Ибрахимовиќ за „Телефут“.


1 view

Comments


bottom of page