top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„И покрај сѐ“ е мотото на најновото хибридно издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Од 16 до 21 септември ќе се одржи најновото издание на ИФФК „Браќа Манаки“, кое ќе биде хибридно.

– ИФФК „Браќа Манаки“ не е мал играч на полето на филмски фестивали. Пандемијата ги направи работите тешки за организирање, но под мотото „И покрај сѐ“ годинава ќе се одржи Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Отворањето на фестивалот ќе се одржи во Пациото на Музејот во Битола, програмата на фестивалот е скратена и содржи десет долгометражни и десет кратки филмови, истакна директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски.

Дамевски ги соопшти и деталите околу наградите.

– Добитник на „Златна камера 300“ за животен опус му се доделува на австрискиот кинематографер Кристијан Берген, кој е познат по неговиот систем на осветлување кој е негов изум и кој ќе биде презентиран на Фестивалот, а Андреј Кончаловски е годинешен лауреат на специјалната награда „Камера 300“.

Бергер, кинематограферот на Михаел Ханеке, еден од најголемите австриски и светски режисери, ќе ја добие Златната камера за животно дело и ќе дојде во Битола, додека Кончаловски, еден од најголемите руски режисери, поради возраста одлучил да не патува во овие услови. Актерот Бајрам Северџан, најпознат по филмовите „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Куструрица, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „До балчак“ на Столе Попов, е добитник на Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда која ја доделува Друштвото на филмски професионалци (ДФРМ).

Буџетот на Фестивалот е намален за 30 отсто. Во официјалната селекција, зад која стои Слаѓан Пенев, ќе има десет долгометражни филмови, а во кратката, по избор на режисерот Даријан Пејовски, исто така десет.

Во кратката програма македонска премиера ќе има и „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој во јули играше во конкуренцијата за Златна палма во Кан. Како што се трендовите на светските фестивали, одлучивме да ја укинеме документарната програма. Доколку има квалитетни филмски дела од документарната програма, тие влегуваат или во кратката или во долгата програма. Но, ќе имаме ревија на македонски документарни филмови насловена „Бисери на македонската документаристика – од Оскар до Оскар“ – рече Дамевски.


3 views

Comments


bottom of page