top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

И годинава Скопскиот маратон со безбедносни протоколи

21.09.2021 Septemvri Vtornik

АТЛЕТИКА

Годинашниот, 17-ти Скопски маратон во атлетика, првпат ќе се одржи во два дена. Прва, на 2 октомври, ќе биде трката на пет километри (од 17 часот), а на 3 октомври се маратонската, полумаратонската и штафетната трка, ЕУ за спорт, кои ќе почнат во 8 часот. Почетокот и крајот на трката ќе биде пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, а учесниците ќе трчаат до Ѓорче Петров, потоа преку центарот на градот до Ново Лисиче и назад. – Како и лани, и годинашниот маратон ќе се одржи во услови на пандемија на ковид-19, што значи дека ќе биде организиран според сите безбедносни протоколи и препораки утврдени од Владата и од Комисијата за заразни болести, за заштита на учесниците и на организаторите. Поради отежнатите услови, засега не можам да ја потврдам точната бројка на учесници, но очекуваме да трчаат вкупно околу 6.000 луѓе. Од учесниците ќе се бара да поседуваат потврда дека се вакцинирани, дека прележале ковид-19 или да имаат ПЦР-тест. Тие што се пријавиле, а не поседуваат вакви потврди ќе можат да учествуваат во виртуелната трка или котизацијата за настап да ја префрлат за следната година – вели директорот на маратонот, Кире Синадиновски. Што се однесува до елитните натпреварувачи, поради пандемијата и проблемите со протоколите при патувањата, нема најави за позвучни имиња од странство.

– Засега не знаеме кој сѐ ќе успее да дојде во Скопје, сѐ е отворено до последен момент. Сигурно е само дека ќе настапат најдобрите македонски маратонц(к)и, бидејќи трката на скопскиот маратон е и натпревар во рамките на државното првенство – вели Синадиновски, додавајќи дека наградниот фонд ќе остане ист, околу 18.000 евра. Лани на Скопскиот маратон кај жените победи Албанката Лујза Гега (2:35,34 часа), пред македонската рекордерка Адријана Поп Арсова (2:58,14). Во машка конкуренција триумфира Украинецот Серхиј Шевченко (2:22,49), а втор беше моментно најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски (2:31,16 часа). Рекордните постигнувања на Скопскиот маратон ги држат Кенијците, Кируи Кипротич во машка (2:12,36 часа, во 2016 година) и Јунис Мучири во женска конкуренција (2:33,38 часа, во 2019-та).

Пет големи светски маратони во период од седум недели

Првпат сите шест „големи“ светски маратони годинава требаше да се одржат во период од само седум недели, поради одложувања предизвикани од пандемијата на ковид-19. За многумина тоа ќе бидат први маратони од почетокот на пандемијата. Станува збор за маратоните во Лондон, Бостон, Берлин, Чикаго, Њујорк и во Токио. Но Јапонците пред неколку дена решија да го одложат годинашниот маратон во Токио, закажан за 17 октомври, поради пандемијата на коронавирусот и да го презакажат за 6 март 2022 година. Тоа значи дека за годинава останува да се одржат преостанатите пет големи светски маратони, прво во Берлин в недела, потоа во Лондон на 3 октомври, во Чикаго на 10 октомври, во Бостон на 11 октомври и во Њујорк на 7 ноември.

ПРОГРАМА ЗА 17-ОТ СКОПСКИ МАРАТОН

ДАТУМ ТРКА 2 октомври пет километри, од 17 часот 3 октомври маратон, полумаратон и штафета, од 8 ч.


1 view

Comments


bottom of page