И Влхова, како и Шифрин, има големи планови за Пекинг
Американката Микаела Шифрин не е единствената скијачка што ќе се натпреварува во пет поединечни дисциплини на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, со шанса да освои повеќе медали. И Петра Влхова од Словачка има големи планови во Пекинг и ќе настапи во слалом, велеслалом, супервелеслалом, комбинација, можеби и во спуст и е фаворитка за освојување медал во најмалку три дисциплини. Таа настапи на сите шест трки на ЗОИ 2018 во Пјонгчанг, но тогаш остана без медал. Влхова сезонава веќе ја обезбеди титулата во слалом во Светскиот куп (СК) победувајќи на пет од седумте трки. Шифрин, која имаше проблеми со коронавирусот, победи на другите две трки.
Лани Влхова беше единствената скијачка што стартуваше на сите трки во СК, вкупно 31. Сезонава, таа главно се натпреварува во слалом и во велеслалом, односно настапи на само една брза, со супервелеслаломот во Алтенмаркт, Австрија, минатиот месец. Покрај Влхова и Шифрин има уште неколку скијач(к)и кандидат(к)и за медали на падините на Јанкинг, каде што в недела треба да се вози првата трка, спустот за мажи. Ќе немаше поголем фаворит за ново злато во спуст од Софија Гоџа (Италија), доколку не паднеше и не се повредеше минатиот месец во Кортина д’Ампецо. Сега Гоџа се „трка со времето“ за да закрепне. Фаворитка е и Лара Гут-Бехрами (Швајцарија). Освојувачот на златниот медал во спуст од Пјонгчанг, Аксел Лунд Свиндал, се пензионира, но Норвежаните имаат добри шанси за победа во таа дисциплина, во Александер Амот Килде, кој победи на по три трки во спуст и во супервелеслалом и е поранешен победник во генерален пласман во СК. Водечкиот во генералниот пласман во СК, Марко Одермат (Швајцарија), е фаворит за злато во велеслалом. Тој победи на четири од петте трки сезонава во таа дисциплина, а еднаш беше втор.
Comments