Зошто научниците сакаат да ги убијат нилските коњи на Пабло Ескобар?
17.02.2021 februari sreda
Пабло Ескобар е име што Колумбија се обидува да го заборави во последните 30 години. Тој е еден од најпознатите криминалци на сите времиња и основач на озлогласениот нарко-картел Меделин во 80-тите години на минатиот век. Ескобар е запаметен и по насилните судири со силите за спроведување на законот во Колумбија, кои вклучуваа киднапирања, бомбашки напади и неселективни убиства.
Според научниците, кралот на кокаинот е одговорен и за она што тие го нарекуваат еколошка темпирана бомба. Научниците тврдат дека нилските коњи што Екобар првично ги увезувал за неговата приватна зоолошка градина пред неколку децении многу се размножиле, па сега се рашириле на еден од главните водни патишта во земјата во реката Магдалена.
Во студија објавена во списанието „Биолошка конзервација“ на 17 јануари, тим од научници тврдат дека убивањето на овие животни е еден од начините да се ублажи нивното влијание врз животната средина.
– Очигледно дека жалиме за овие животни, но како научници имаме должност да бидеме искрени. Нилските коњи се инвазивен вид во Колумбија и ако не убиеме дел од нивната популација сега, ситуацијата може да биде целосно надвор од контрола за само 10 или 20 години – изјави колумбискиот биолог Натали Кастелбланко, една од авторите на студијата.
По смртта на Ескобар, колумбиските власти го заплениле луксузниот имот „Хасиенда Наполес“ на околу 250 километри северозападно од главниот колумбиски град Богота. Властите ја распуштиле неговата приватна зоолошка градина која подоцна ќе стане дел од популарен забавен парк. Животните од „Хасиенда Наполес“ првично биле испраќани во зоолошките градини низ целата држава. Но, не и нилските коњи.
– Било многу тешко да се преместат, па властите само ги оставиле таму, веројатно мислејќи дека животните ќе умрат – објаснува Кастелбланко.
Но наместо тоа, тие се размножувале. Со текот на годините, научниците се обиделе да пресметаат колку нилски коњи живеат во колумбиските реки. Проценките се движат од 80 до 120 примероци.
– Тоа е најголемото стадо нилски коњи надвор од Африка, каде е нивното природно опкружување“ – изјави Карлос Валдерама, ветеринар и заштитник на природата.
Исто така се проценува дека овој број само ќе се зголемува со текот на времето.
Кастелбланко и нејзините колеги велат дека без да се убијат нилските коњи, популацијата на овие цицачи ќе надмине 1.400 примероци веќе во 2034 година, а сите тие потекнуваат од првата група на еден мажјак и три женки.
Студијата предвидува сценарио во кое секоја година 30 животни мора да бидат застрелани или кастрирани за да се спречи оваа појава.
Кастелбланко објаснува дека „кокаинските нилските коњи“ ја искористиле вистинската еволуциска можност. Во Јужна Америка, тие немаат природни предатори како што се лавовите и крокодилите, кои инаку би се хранеле со нивните младенчиња како во Африка. Ова значи дека тие можат многу полесно да се размножуваат.
Растот на популацијата е управуван и од временските услови. Во Африка, тој е контролиран од суши кои не постојат во Колумбија. И навистина, условите во нивниот дом во Јужна Америка изгледаат толку идеални за нилските коњи што се чини дека тие созреваат уште порано.
– Студиите покажуваат дека овие нилски коњи започнуваат да се размножуваат порано од нивните африкански еквиваленти – вели Кастелбланко.
Научниците кои го проучуваат влијанието на нилските коњи врз животната средина веруваат дека нивното присуство може да влијае на локалниот екосистем на различни начини: од истребување на загрозени видови, како што се морските крави, до промени во хемискиот состав на реките што може да ги загрози опстанокот рибите.
– Нилските коњи се раширија низ најголемиот слив во Колумбија, од кој живеат илјадници луѓе. Нилските коњи се забележани дури на 370 километри од „Хасиенда Наполес„ – објаснува биологот.
Кастелбланко и нејзините колеги не се првите научници кои предлагаат убивање, но важно е да се истакне дека има експерти кои се противат на идејата.
Енрике Ордонез, биолог од Колумбискиот национален универзитет, тврди дека нилските коњи претставуваат надеж за зачувување на нивниот број на глобално ниво, што невладините организации како што е Меѓународната унија за зачувување на природата, ги сметаат загрозен вид.
Тој за „Си-ен-ен“ изјавил дека програмата за стерилизација ќе биде многу подобар начин за контрола на нивната популација. Но, ваквите постапки не се едноставни ниту евтини, објаснил Карлос Валдерама кој има искуство со нив.
Во 2009 година, тој кастрирал мажјак „кокаински нилски коњ“ како дел од експериментот за проучување на опциите за контрола на растот на нивната популација.
– Зборуваме за животно кое може да тежи до пет тони и може да биде многу агресивно. Иако го уплашивме животното, тоа за малку ќе го извадеше кранот што го користевме како помагало во постапката. Како да бевме со диносаурус во филмот „Паркот Јура“ – објаснува Валдерама.
Ветеринарот заклучува дека главната лекција од овој експеримент е оти кастрацијата не е единствена не е опција, особено кога сметката за таа акција изнесува 50.000 долари.
– Многу од овие нилски коњи живеат во дивината. Едноставно не е лесно да се дојде до секој од нив. За тоа време, тие само ќе продолжат да се размножуваат. А нилските коњи се полигамни, што значи дека еден маж може да оплоди повеќе женки – додава Валдерама.„
Преземањето на подрастични мерки од страна на колубиските власти е спречено од јавното мислење. Луѓето се многу страствени за нилските коњи“ како што покажува искуството на Натали Кастелбланко.
Откако колумбиските медиуми објавија за нејзината студија, Кастелбланко почнала да добива навреди и смртни закани преку социјалните мрежи.
– Меѓу другото, ме нарекуваа убиец. Некои луѓе во Колумбија можат сериозно да се возбудат кога зборуваат за овие нилски коњи. Тоа е природна реакција на луѓето. Луѓето обично подобро ги разбираат инвазивните видови кога станува збор за растенија или помали животни, во споредба со огромниот цицач кој го сакаат многумина – вели таа.
Во реконструираната зоолошка градина во „Хасиенда Наполс“ се сместени неколку новозаробени нилски коњи и тие привлекуваат илјадници туристи годишно. За ситуацијата да биде почудна, додека Ескобар беше жив, тој обично дозволуваше јавни посети како дел од сопствениот „пиар“, а Натали Кастелбланко се сеќава дека била таму со своето семејство како дете.
Но, покрај проблемот со заштитата на животната средина, тука е и проблемот што нилските коњи не се толку слатки суштества како што изгледаат. Овој цицач често завршува на списокот на најсмртоносни животни во светот. „Би-би-си“ во 2016 година објави дека тие убиваат најмалку 500 луѓе годишно во Африка.
Во Колумбија сè уште нема смртни случаи, но во мај минатата година локалните медиуми објавија дека еден земјоделец е сериозно повреден од нилски коњ во градот Пуерто Триунфо во близина на „Хасиенда Наполес“.
Во 2009 година имало огромен излив на незадоволство од јавноста кога колумбиските војници пукаа во Пепе, „кокаинскиот нилски коњ“ кој се сметаше за закана за заедниците во близина на поранешниот имот на Ескобар. Тоа беше доволно за властите да ги прогласат нилските коњи за законски заштитени, што е пречка за секој план за нивно стрелање.
– Имаме закони што ги штитат инвазивните видови – вели Кастелбланко.
Но, колумбиските власти не се свесни за проблемите предизвикани од „кокаинските нилски коњи“.
Давид Ечевери, биолог кој работи за Конаре, агенција за животна средина на колумбиската влада, за „Би-би-си“ објаснил дека веќе било разговарано за можноста за нивно убивање.
– Ситуацијата е навистина сериозна и потребно е да се преземат чекори за нејзино решавање“ – објаснил Ечевери.
Тој признава дека јавното мислење ги попречува напорите за остварување на подрастични решенија и дека е малку веројатно оти убивањето на нилските коњи ќе се случи во догледно време.
– Тоа е тема што ги поларизира луѓето, поради што мора упорно да бараме други решенија – додаде тој.
Тоа е наследството на Ескобар. Кастелбланко и нејзините колеги се плашат од стагнација, како и одгледување на овие цицачи. Во студијата претставена е официјална статистика на владата според која само четири животни биле стерилизирани помеѓу 2011 и 2019 година.
– Нилските коњи во Колумбија досега живееја како во рајот. Но, тие се еколошка бомба како минува времето – рече Кастелбланко.
Речиси 30 години по смртта на Пабло Ескобар, „кокаинските нилски коњи“ се уште еден доказ дека неговото присуство сè уште се чувствува во Колумбија.
Comments