Злато за Стојановиќ, сребро за Басаров, бронза за Белистојаноски
ПО ДВАТА НАТПРЕВАРУВАЧКИ ДЕНА НА ЕП ВО КАРАТЕ ЗА КАДЕТИ, ЈУНИОРИ И ПОМЛАДИ ЈУНИОРИ ДО 21 ГОДИНА
Стојановиќ се закити со златниот медал, откако во неизвесна и динамична борба го совлада на татамите Италијанецот Матео Аванцини, со 5-4
Стефан Стојановиќ во јуниорска конкуренција (категорија над 76 кг) се закити со злато, Андреј Басаров во кадетска конкуренција (над 70 кг) со сребро, додека Матеј Белистојаноски исто така во кадетска конкуренција (до 55 кг) со бронза по првите два натпреварувачки дена на 48. Европско првенство (ЕП) во кадетска, јуниорска и конкуренција на помлади јуниори (до 21 год.) во дисциплините борби, што се одржува во финскиот град Тампере. Вчера на татамите останаа да се борат уште помладите јуниори (до 21 год.), како и екипните настапи.
Стојановиќ дојде до златото откако во неизвесна борба го совлада Италијанецот Матео Аванцини со 5-4. Претходно во 1-то коло, Стефан го победи Французинот Амир Зуауи со 4-0, во 2-то коло Чехот Мартин Елиас со 3-2, во 3-то коло беше подобар и од Литванецот Артјом Јермолаев, благодарение на прв освоен поен, откако резултатот беше 1-1 во регуларниот тек од борбата. Во полуфиналето го победи Полјакот Хубер Јароцки со 2-1.
До сребрениот медал, Андреј Басаров дојде откако во 1-то коло беше слободен, во 2-то коло беше поуспешен од Гркот Екторас Пергантис со 2-0, во 3-то коло го совлада Романецот Алексанру Гулас со 3-0, во 4-то Грузиецот Дугладѕе Тимоте со 1-0, а во финалето загуби по изјаснувањето на судиите, откако резултатот во регуларниот тек беше 0-0.
Матеј Беслистојаноски, пак, се искачи на пиедесталот со освоената бронза, откако во дуел за третото место убедливо со 9-0 го победи Белорусинот Максим Каширски. Претходно тој ги совлада уште Афонсо Азеведо од Португалија со 5-1, Коре Ансел од Германија со 1-0, а со триумфот против Србинот Жарко Коларов со 4-1 се пласираше во полуфиналето, каде што беше поразен од Романецот Мариус Василе Георге по изјаснувањето на судиите, откако резултатот во регуларниот тек беше нерешен 1-1. Одлични настапи имаа и Љупче Михајлов, кој во категорија до 68 кг постигна три победи, а загуби во четврт-финалето, Бојан Костов (до 61 кг) имаше две победи и пораз во четвртфиналето. Иљи Биљали беше многу блиску до медал, но заврши на петтото место.
Пласман на седмото место оствари каташот Александар Неделковски, кој во категоријата помлади јуниори (до 21 год.) дојде до третата фаза. Во првата рунда од елиминациите оствари резултат од 24,80 поени, во втората 23,32 поени, а во борба за медали 23,88 поени. Нијанси го делеа од пласман на петтото место.
Вчера на третиот и последен натпреварувачки ден на ЕП во Тампере, на програмата беа настапите на помладите јуниори (до 21 год.), како и екипните настапи. На ЕП настапуваат 1.008 натпреварувачи од 45 држави, а македонските надежи ги предводат селекторите Александар Кузмановски (кадети и јуниори), Арлинд Хусеини (помлади јуниори до 21 год.) и двајцата во борби и Стојан Андриевски во кати.
Commentaires