top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Злато за Ивановски, бронза за Стојоски

АТЛЕТИКА – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА МАЛИ ЗЕМЈИ НА МАЛТА

Задоволен сум од настапот на Дарио и на Јован, секако дека покажуваат стабилна и напредувачка форма. Два медала за нас е повеќе од одлично издание. Ова беше убав викенд за македонската атлетика. Повеќе и подобри резултати очекувам следниот викенд, на Балканското сениорско првенство, ни изјави генералниот секретар на АФМ, Дејан Ангеловски

Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски постигна извонреден резултат откако го освои златниот медал на Европското првенство (ЕП) за мали земји што се одржува на Малта. Ивановски настапи на трката на 5.000 метри и патеката ја помина за 14:08,99 минути. Тој беше прв на вакво ЕП и во 2021 година во Сан Марино, но на 3.000 метри. Второто место му припадна на Молдавецот Максим Илеану (14:24,72), а третото на домашниот натпреварувач Дилон Касар (14:45.13). На ова четврто по ред Европско првенство за мали земји, кое се одржува секои две години (првпат во 2016, исто така на Малта), се натпреваруваше и Јован Стојоски, кој трчаше во две дисциплини.

На првата трка, на 100 метри, го освои петтото место со време 10,69 секунди, а на втората трка, на 400 метри, го освои бронзениот медал со време 47,47 секунди. Со македонските атлетичари беше и тренерката Марија Стојановска. – Задоволен сум од настапот на Дарио и на Јован, секако дека покажуваат стабилна и напредувачка форма. Два медала за нас е повеќе од одлично издание. Дарио може и подобро, но со оглед на временските услови и конкуренцијата, се виде дека на крајот истрча само за пласман. Ова беше убав викенд за македонската атлетика. Повеќе и подобри резултати очекувам следниот викенд на Балканското сениорско првенство во романскиот град Крајова – ни изјави генералниот секретар на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), Дејан Ангеловски.

На Европското првенство за мали земји на Малта настапија атлетичари од вкупно 18 држави, и тоа од Андора, Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Кипар, Грузија, Гибралтар, Исланд, Лихтенштајн, Луксембург, Молдавија, Монако, Црна Гора, Сан Марино, Македонија, Косово и од Малта.

ТРКИ ВО КОПЕНХАГЕН И ВО КАРЛОВАЦ

Нов рекорд на Трајковски, бронза за Поп Арсова во Карловац

Македонскиот атлетски репрезентативец и член на клубот Работнички, Андреас Трајковски, постави нов македонски рекорд во трка на 100 метри. Тој на митингот одржан во данскиот град Копенхаген ја истрча делница за 10,5 секунди, што е за девет стотинки побрзо од досегашниот рекорд, кој беше во сопственост на Јован Стојоски, постигнат на 1 мај годинава. Притоа Трајковски низ целта помина како трет. Забележителен успех оствари и македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова, која на првата Балканска трка на 10 километри одржана во хрватскиот град Карловац ги освои третото место и бронзениот медал. Поп Арсова, членката на скопскиот клуб Делта, ја помина делницата со време од 35,08 минути.



1 view

Comments


bottom of page