top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Златните маски од Требениште ќе бидат изложени во Софија

Ексклузивните наоди од некрополата Требениште, кои во 2019 година, во соработка на музеите на Македонија, Србија и на Бугарија, беа поставени во Скопје, како што беше тогаш најавено, го продолжуваат својот пат и ќе бидат претставени пред бугарската јавност, во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија.

– Владата ја разгледа и ја усвои и информацијата од Министерството за култура за реализација на меѓународната изложба, која е уникатна по наодите што ни го претставуваат животот покрај Охридско Езеро од 6 до 4 век пред нашата ера. Во поставката се и прочуените златни маски што се чуваат во Белград, Софија и една во Охрид, а кои за првпат на оваа изложба се изложуваат заедно. Покрај уникатноста на наодите, оваа поставка е уникатна и по тоа што на овој локалитет работеле археолози од трите земји, кои преку своите институции го афирмираат културното наследство од требенишкиот локалитет. Како плод на соработката на стручните тимови на Археолошки музеј на Северна Македонија, со Националниот археолошки институт со музеј во Софија, Бугарија, и со Народниот музеј на Србија во Белград, каде што се чуваат вредните артефакти од некрополата, во 2019 година се реализира изложбата што заокружи единствена приказна за случајното откритие во 1918 година, во близината на селото Требениште кај Охридско Езеро – велат од Министерството за култура.

Со огромен интерес од јавноста беше проследена уникатната поставка „100 години Требениште“, која во Скопје беше отворена шест месеци, а која во Софија ќе биде реализирана како „105 години од Требениште“. Со оваа изложба продолжува соработката помеѓу трите земји за заокружување на ексклузивната приказна за Требениште, кое е прв и можеби единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран преку три музеи, од Скопје, Белград и Софија.


3 views

Kommentare


bottom of page