Златните антички наоди од Неготинско преку фотографии
Во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, денеска, во 13 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии, преку кои се промовира златниот антички наод од Неготинско. Изложбата е во рамките на повеќегодишната добра соработка помеѓу Музејот на градот Неготино и центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Археолошкиот локалитет Орманков Гроб се наоѓа во непосредна близина на Неготино, поточно на шест километри јужно од Неготино, на самиот автопат Скопје – Гевгелија. Локалитетот се наоѓа на јужната страна од селото Тремник, на оддалеченост од 200 метри, на природно возвишение што доминира над својата околина. Од локалитетот се отвора широк поглед кон север до планината Клепа, на исток кон планината Серта, на југ кон Демиркаписката Клисура и на запад кон планината Кожув.
– Во август 2008 година, при археолошко истражување од стручна екипа од Музејот на градот Неготино, под раководство на кустос-советникот археолог Кире Ангеловски, на длабочина од 0,35 до 0,50 см, се пронајдени повеќе предмети од златен накит и монети што датираат од 4 и 3 век пр. н.е., и тоа: две монети-статери со ликот на Филип Втори и Александар Трети, четири фибули од малоазиски тип, со по пет ѕвездести украсни испусти на лаковите, нозе со масивни стилизирани змиски глави и глави во вид на палмов лист, 31 примерок на златни висулци во копјеста форма, 32 примероци на златни висулци во вид на лешник, 484 кружни алки украсени со гранули, 84 мали кружни алки со три реда гранули, два златни завршетоци од ѓердан во вид на палмети, четири златни цилиндрични цевчиња од ѓердан, украсени со филигран и гранулација, една мала дводелна кутија (пиксида) од злато во цилиндрична форма, богато украсена со филигран и гранулација, една импресивна украсна релјефна плочка-медалјон со претстава на Посејдон, кој држи трозабец во левата рака, а лево и десно фланкиран со протоми на два коња – информираат од Центарот за култура во Куманово. Вкупната тежина на овие предмети изнесува околу од 1 кг, богати со 22 отсто каратно злато. Се претпоставува дека му припаѓале на истакнат војник офицер по потекло Пајон од Антигонеа, кој сигурно бил во војската на Александар Македонски додека војувал во Азија, и по враќањето го носел сиот овој златен накит, со кој потоа бил погребан.
Ексклузивниот златен комплет како збирен наод, кој датира од 4-3 век пр. н.е., претставува еден од најзначајните и најрепрезентативни наоди од овој вид од времето на почетоците на македонско-хеленистичкиот период на територијата на Македонија. Ова извонредно културно богатство беше презентирано во престижниот национален музеј „Келтен-Ромер“ во Манхинг, Германија, заедно со златната маска од Охрид и како составен дел од изложбата со наслов „Златното лице на непознатиот крал“, проект што се реализира со поддршка на Комисијата за образование, аудиовизуелност и култура при ЕУ, во рамките на проектот „Судир на култури“. Денес се наоѓа во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, каде што е достапен за пошироката светска јавност. Изложбата со фотографии досега е претставена во Неготино и во Кавадарци. Во Куманово изложбата ќе биде поставена до 4 мај.
Comments