Златната палма за „Анатомија на еден пад“, гран-при за „Зона на интерес“
Филмот „Анатомија на еден пад“ (Anatomy d’une chute) на француската режисерка Жистин Трие ја освои „Златната палма“ за најдобар филм на 76. Меѓународен филмски фестивал во Кан. Ова е напната судска драма за писателка обвинета за убиство на својот сопруг.
Двојката има слепо момче, кое наводно било надвор од куќата во моментот на убиството. Драмата не се фокусира премногу на решавање на злосторството, туку се занимава со границата помеѓу фикцијата и реалноста и распадот на бракот. Филмот ја доби главната награда во конкуренција на 21 остварување. Жистин Трие (44) е третата наградена режисерка во историјата на Канскиот фестивал, а пред неа беа Џејн Кемпион за филмот „Лекција по пијано“ (1993) и Жилија Дикурно во 2021 година за филмот „Титан“.
За најдобра актерка беше прогласена Мерве Диздар од Турција, за улогата во филмот „ За сувите треви“ (About Dry Grasses), најновиот филм на претходниот добитник на „Златната палма“ – Нури Билге Џејлан. Таа посочи дека игра личност „која се бори за својот живот и која надминала многу тешкотии“. Најдобар актер е Јапонецот Коџи Јакушо, за улогата во филмот „Совршени денови“ (Perfect Days) – емотивна приказна за токискиот чистач на тоалети во режија на Вим Вендерс. Гран-прито на жирито го освои Џонатан Глејзер за филмот „Зона на интерес“ (The Zone of Interest), за животот на семејството на командант од Аушвиц. На овој начин жирито испрати порака за застрашувачката баналност на злото. Интересно е што и во овој филм, како и во филмот „Анатомија на еден пад“, главната улога ја толкува Сандра Хилер. Таа на застрашувачки начин ја прикажува сопругата на нацистичкиот командант, која среќно се грижи за својата градина и се фали дека е „кралицата на Аушвиц“.
Претседател на жирито беше шведскиот режисер Рубен Остлунд, минатогодишниот добитник на „Златната палма“ за филмот „Триаголник на тагата“.
Меѓу ѕвездите што се натпреваруваа за „Златната палма“ беа и наградувани личности, како Британецот Кен Лоуч (86), двократен добитник (2006 и 2016 година), Германецот Вим Вендерс, кој ја освои наградата во 1984 година за „Париз Тексас“, и Италијанецот Нани Морети.
Филм кој годинава привлече посебно внимание е „Жан ди Бари“ на француската режисерка Мајвен. Нејзиниот филм е приказна за миленичката на кралот Луј Петнаесетти, кого го игра Деп, ѕвездата на филмовите „Пиратите од Карибите“. Фото: EPA-EFE
Comments