„Златна мечка“ за документарецот на Николас Филибер на 73. Берлинале
Францускиот филм „На Адамант“ (On the Adamant), во режија на Николас Филибер, ја доби „Златната мечка“ за најдобар филм на 73. Берлински филмски фестивал. „На Адамант“ е документарец за пловечки дневен центар на Сена, во Париз, за луѓе со психијатриски проблеми.
„Тоа што документарниот филм се наградува и слави длабоко ме трогна“, рече Филибер откако меѓународното жири, на чело со американската актерка Кристен Стјуарт, му ја додели престижната награда. Режисерот изјавил дека во филмот се обидел да ја „преврти сликата“, која луѓето ја имаат за луѓето со ментални болести и да им овозможи на гледачите да видат „што нè обединува над сите наши разлики“.
„Како што сите знаеме, најлудите луѓе не се онакви какви што мислиме дека се“, додал Филибер.
„Сребрените мечки“, односно Големата награда на жирито ја доби „Пожар“ (Afire) на Кристијан Пецолд, а Наградата на жирито, пак, „Лошо живеење“ (Bad Living) на Жоао Канихо.
Наградата за најдобар режисер му припадна на Филип Гарел за филмот „Голема кочија“ (The Plough), а за најдобра главна улога на Софија Отеро во филмот „20.000 видови пчели“.
Comments