top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Златна камера 300“ за животно дело за Бруно Делбонел, кинематограферот на „Амели Пулен“; 45. „Браќа Манаки“ од 21 до 27 септември во Битола

05.07.2024 Juli Petok

„Годинава славиме 45 годишнина на фестивалот „Браќа Манаки“, која ни е многу важна. Се обидуваме да обезбедиме присуство на сите живи добитници на најпрестижната награда на фестивалот „Златна камера 300“ за животно дело. Сакаме да ги поканиме и донесеме во Македонија, иако поголем број од нив се на возраст над 80 години. Едно од изненадувањата кое сакаме да го направиме на фестивалот е да им дадеме камера и секој од нив да сними една до две минути од Битола видена низ очите на овие големи мајстори“, изјави директорот на фестивалот „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски, на денешната прес-конференција, најавувајќи го годинешниот фестивал „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола

Истакнатиот француски и светски кинематографер Бруно Делбонел (Bruno Delbonnel) познат по филмовите „Необичната судбина на Амели Пулен“, „Трагедијата на Магбет“, „Многу долга свршувачка“, „Внатре во Левин Дејвис“ и „Најмрачниот час“ е добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што годинава ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола. Со наградата Делбонел станува најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од добитник на „Специјалната златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“ што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300“ за животно дело.

Ова го соопшти директорот на фестивалот „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски на денешната прес-конференција на која го најави јубилејното 45. издание на првиот и најстар фестивал во светот посветен на уметноста на кинематограферите. Како што посочи тој, оваа година токму во чест на јубилејното 45. издание на „Браќа Манаки“, којшто започнува да се одржува во 1979 година, на фестивалот се очекува да присуствуваат досегашни добитници на наградата „Златна камера 300“ за животно дело.

Симеон Мони Дамевски, директор на „Браќа Манаки“

„Годинава славиме 45-годишнина на фестивалот, која ни е многу важна. Се обидуваме да обезбедиме присуство на сите живи добитници на најпрестижната награда на фестивалот „Златна камера 300“ за животно дело. Во моментов тоа се 18 кинематографери од вкупно 35 лауреати. Се обидуваме сите да ги поканиме и донесеме во Македонија, иако поголем број од нив се на возраст над 80 години. Едно од изненадувањата кое сакаме да го направиме на фестивалот е да им дадеме камера и секој од нив да сними една до две минути од Битола видена низ очите на овие големи мајстори“, изјави Дамевски.

Како што посочи тој, досега шест лауреати на „Златната камера 300“ животно дело потврдиле дека ќе дојдат во Битола, меѓу кои Џон Сил, Крис Менџис, Питер Бижу. Директорот на „Браќа Манаки“, воедно, за ова издание, најави и дека ќе биде воведена нова натпреварувачка програма, а посочи и дека домашен филм ќе се натпреварува во конкуренција.

Што се однесува, пак, до годинашниот лауреат францускиот кинематографер Бруно Делбонел, тој за својот опус е номиниран за шест Оскари, за четири БАФТА награди, а добитник е и на наградата „Цезар“, како и награда за кинематографија на Канскиот фестивал. Роден е во 1957 во Нанси, Франција, а дипломирал во 1978 на Школата за кинематограферски студии во Париз ESEC. По дипломирањето, пројавил афинитет и кон режија, но потоа ја продолжува својата кариера како кинематографер, создавајќи завиден опус во соработка со значајни француски и светски режисери. Со режисерот Жан Пјер Жене соработува во нивните две антологиски дела, за кои Делбонел ги добива првите две од вкупно шест номинации за Оскар: „Амели“ (Amelie) (2002) и „Многу долга свршувачка“ (A Very Long Engagement) (2005). Во 2001, пред да дојде до номинацијата за Оскар, на фестивалот во Карлови Вари филмот „Необичната судбина на Амели Пулен“ (Le Fabuleux Destin D’amelie Poulain) го освојува Кристалниот глобус.

„Необичната судбина на Амели Пулен“

„Делбонел со ‘Амели’ на 44 години достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично – необичен свет на Амели. Изборот на Тату во ликот на Амели е полн погодок. Актерката со сиот свој талент се вградува во необичниот карактер на нежната девојка, а Делбонел ја трансформира со визуелна разиграност и оригиналност својствена за неговиот изразен стил. Тој како да се претвора во очите и душата на Амели, не воведува во нејзините доживувања со несекојдневна визуелна енергија, градејќи ги „чудата” на оваа девојка со своевиден поетско – магиски хиперреализам. Речиси секој кадар е доживување за себе во необичното секојдневие од животот на Амели, а воедно и посвета за Париз низ инспиративна колоратура, градејќи разгледници изникнати од неговото поднебје, сликани динамично и разиграно“, посочуваат од фестивалот „Браќа Манаки“.

За филмот „Амели“, Делбонел ги доби и номинациите за БАФТА, ASC (Американското друштво на кинематографери) и Цезар, а ја освои наградата на Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер. По овој успех, тандемот Делбонел – Жене ја повтори плодната соработка на историската љубовна драма од Првата светска војна – „Многу долга свршувачка“, за која во 2005 Делбонел ја освои втората номинација за Оскар. Третата номинација за Оскар за него дојде во 2010 за шестото продолжение на серијалот за Хари Потер „Хари Потер и полукрвниот принц“ (Harry Potter And The Half-Blood) во режија на Дејвид Јеијтс. Следните три ремек дела во опусот на Делбонел, закитени со номинација за Оскар се: „Внатре во Левин Дејвис“ (Inside Llewyn Davis) (2014) на браќата Коен; „Најмрачниот час“ (Darkest Hour) (2018) на Џое Рајт и „Трагедијата на Магбет“ (The Tragedy Of Macbeth) (2022) на Џоел Коен. Делбонел ќе го збогати својот опус и низ соработката со плејада други истакнати светски режисери, како Питер Богданович во „Мјаукот на мачката“, со рускиот режисер Сокуров ќе ги сними „Фауст“ и „Франкофонија“, а со Тим Бартон „Мрачни сенки“, „Големи очи“ и „Домот на госпоѓица Перегрин за чудни деца“. Со браќата Коен одново ќе соработува во 2018, во „Баладата за Бастер Скрагс“, а најнова соработка од тековнава 2024 година му е со Вес Ендерсон, на неговиот најнов филм „Феникиска шема“. Во 2019 Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на Прочуената париска филмска школа, La Femis, за да ги пренесе своите професионални кинематограферски искуства и знаења на новите генерации студенти и идни кинематографери. (Н.И.Т.)


2 views

Comments


bottom of page