„Златна бубамара“ на популарноста за музичкиот амбасадор Симон Трпчески
„Златна бубамара“ на популарноста во категоријата „музички амбасадор“ годинава добива пијанистот со светска репутација, Симон Трпчески. Со својата фасцинантна концертна активност низ светот, Симон Трпчески веќе одамна дејствува како своевиден музички амбасадор и како амбасадор на севкупната култура на Македонија.
Неговиот проект „Македонисимо“, премиерно изведен пред пет години на фестивал во Лудвигсбург, Германија, е своевидна музичка посвета на Македонија, на македонската народна музика и на луѓето од Македонија. Овие сплетови од традиционални ора и народни песни во специјална пијанистичка обработка и во нов музички аранжман на сите светски концертни сцени, каде што Трпчески редовно ги изведува, се примени со овации и долготрајни аплаузи.
Впрочем, на ваков врел прием од публиката Трпчески наидува во сиот период на неговите меѓународни настапи во светот, каде што од првиот момент се препознаени неговата посебна техника и врвната изведба. Ѕвездените мигови на Трпчески започнуваат по освојувањето на Светскиот милениумски натпревар по пијано во Лондон (,,Millenium World Piano Competition London“), во април 2000 година, додека сѐ уште беше студент на ФМУ. Оттогаш наградите постојано се нижат.
Во неговата дводецениска фасцинантна кариера настапувал на најпрестижните концертни сцени во светот и со највлијателните оркестри – од Лондон до Сингапур, од Торонто до Хонгконг. Снимил 13 албуми за престижни светски музички издавачи, а во неговото портфолио можат да се најдат исклучителни коментари од некои од највлијателните светски музички критичари.
Comentários