Златко Кованцалиев, археолог: На локалитетот Вардарски рид откриен е објект од пред нашата ера
27.06.2024 Juni Cetvrtok
„Годинава, на површина од околу 120 метри квадратни, започнавме да откриваме нов објект од доцниот II и I век пред н.е., односно од последната или шеста населба на локалитетот. Во моментов се истражува во четири простории, во кои покрај другото, откриени се и еден вертикален разбој за ткаење, повеќе керамички садови и една целосно сочувана бронзена светилка – лустер со три фитилници, за што наскоро ќе ја информираме јавноста“, открива за весникот „ВЕЧЕР“, Златко Кованцалиев
Во тек се годинашните ископувања на локалитетот Вардарски Рид (античка Гортинија) со кои Националната установа Музеј Гевгелија, обележува 30-годишен јубилеј од почетокот на систематските археолошки истражувања на Вардарски Рид, кои ги започна тогашниот Народен музеј Гевгелија. За тоа што се работи оваа година на овој значаен археолошки локалитет, кој се наоѓа во средишниот дел на Долно Повардарие или Амфакситида, разговаравме специјално за весникот ВЕЧЕР со Златко Кованцалиев, археолог и виш кустос во Народниот музeј во Гевгелија.
Кованцалиев, оваа година Националната установа Музеј Гевгелија има голем јубилеј. Кажете ни нешто повеќе за ова?
Археолошкиот локалитет Вардарски Рид, со својата досега позната историја и местоположба неоспорно го привлекува вниманието на науката и јавноста, а годинава се навршуваат три децении од почетокот на неговите систематски ископувања започнати во 1994 година, во организација на тогашниот Народен музеј од Гевгелија, а кои подоцна продолжија во соработка со Музејот на Македонија од Скопје и Тексашката фондација за историски и археолошки истражувања од Хјустон. Добивката од долгогодишните ископувања резултираше со отворање на постојана археолошка поставка „Вардарски Рид со околните наоѓалишта“ во 2001 година, а во 2005 и со издавање Водич низ постојаната поставка. Изминатите години се организираа континуирани истражувања на локалитетот при што се истражувани шест последователни населби, почнувајќи од малата праисториска населба на Ридот 1, од која во текот на V и IV век пред н.е. израснал старомакедонскиот град – античка Гортинија, град посведочен во историските извори. Откриените наоди на локалитетот, зборуваат за населба, а подоцна и град со активен живот до I век од н.е. Во некрополите се регистрирани погребувања од најстарата – иницијална населба од крајот на бронзената доба (XIII век пр. н.е.) и од најмладиот средновековен хоризонт.
По кратка пауза, истражувањата се обновени минатата година. Кој ги финансира овие истражувања и која е нивната цел?
Точно, по кратка пауза, истражувањата беа обновени минатата година, кога започна со реализација проектот: Гортинија по доаѓањето на римјаните. Фокусот на истражувањата е да дознаеме на кој начин, со кој интензитет, како и дали се променил животот во градот Гортинија, по 168 година пр. н.е., кога македонскиот крал Персеј ја изгубил војната со римјаните и подоцна по 148 година пр.н.е., кога Македонија официјално станала римска провинција. Истражувањата се финансирани од Министерството за култура на Република Македонија, во рамки на годишната програма на проекти за остварување на националниот интерес во културата. Со нив раководи виш кустос – археолог Златко Кованцалиев од Музеј Гевгелија, а како стручни соработници се вклучени археолог Бобан Хусеновски, Милена Решкова, виш кустос од Национална установа Стоби, проф. д-р Џорџ Беван од Универзитетот „Квинс“, во Канада, како и Кристијан Тошески и Кристен Џонс докторанди од истиот универзитет.
Што очекувавте од овој проект и што е откриено досега при ископувањата кои во моментот се изведуваат на локалитетот?
Се почна со ископувања на најниската тераса од Вардарски Рид, каде што очекувавме дебелите слоеви ерозија, најдобро да ги сочувале најмладите содржини на локалитетот. За жал, таму не се открија објекти и културни слоеви, па претпоставуваме дека градот не го зафаќал тој простор или, пак, тие се премногу длабоко под земја и потребни ни се ископувања од поголем размер. Поради тоа, се продолжи со ископувања на Јужната тераса, во непосредна близина на репрезентативната класична Стоа, каде што над неа, во 90-тите години на минатиот век, беше истражен дел од трговско занаетчискиот кварт на градот Гортинија, со керамичарски, металуршки и ткајачки работилници од доцниот II и I век пред н.е. Годинава, на површина од околу 120 метри квадратни, започнавме да откриваме нов објект од истиот период, односно од последната или шеста населба на локалитетот. Во моментов се истражува во четири простории, во кои покрај другото, откриени се и еден вертикален разбој за ткаење, повеќе керамички садови и една целосно сочувана бронзена светилка – лустер со три фитилници.
Што би издвоиле како новост за истражувањата оваа година?
Од особена важност за овие истражувања е дека на Вардарски Рид првпат воведуваме современи методи на фотограметриско документирање и 3Д моделирање на откриените содржини. Станува збор за напредна дигитална форма, со која, изворната состојба на откритијата, останува трајно зачувана за идните генерации.
Comentários