„Златен објектив“ за аниматорката Митровска и композиторот Константинов
Тонкица Митровска, аниматорка и Љупчо Константинов, композитор на филмска музика, се добитници на наградата „Златен објектив“ за 2023 година. Кинотеката, по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Признанијата и пригодните стилизирани значки ќе им бидат врачени на добитниците на настанот што Кинотеката ќе го организира во текот на мај.
Тонкица Митровска (р. 1948), дипломиран графичар по образование, е една од првите кои работат на анимиран филм во Македонија. Таа во нејзината кариера има соработувано со сите автори и режисери и е инволвирана во речиси сите филмови кои се во опусот на т.н. „Скопска анимирана школа“, односно на Студиото за анимација на „Вардар филм“ – кое практично е формирано како Одделение (Студио) за анимација при „Вардар филм“ – во мај 1975, во кое творат Дарко Марковиќ, Владимир Бороевиќ, Славољуб Игњатовиќ, Петар Глигоровски, Афродита Марковиќ, Делчо Михајлов, Боро Пејчинов, Тонкица Митровска, Мирослав Грчев, Милка Ковиловска.
Љупчо Константинов (р. 1946) е композитор и автор на филмска музика. Дипломира на Музичката академија во Белград. Како автор на музика, се јавува во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број ТВ-филмови, серии и драми, како и во над 60-ина театарски престави. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои за музиката во филмот „Среќна нова ’49“ – ги освојува наградите „Златна арена“ за оригинална филмска музика на Филмскиот фестивал во Пула (1986) и Бронзена плакета „Милтон Манаки“ за музика на Филмскиот фестивал во Битола (1986), а добитник е и на три златни ловорови венци на МЕС – Сараево, за театарските претстави: „Електра“, „Шехерезада“ и „Фауст“. Добива и награда на критиката на Вториот интернационален фестивал во Мексико Сити за најдобра музика за претставата „Шехерезада“; потоа на театарските игри „Војдан Чернодрински“ добива награда за музиката во театарската претстава „Старите фотографии“. Константинов има богат опус и во компонирање музика за телевизиски филмови и серии, каде што е ценет како исклучителен автор-соработник на врвни режисери од земјата и регионот.
Досегашни добитници на „Златен објектив“ се: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски-Доре; монтажерите Димитар Грбевски, Спасе Тасевски и Олга Лукова-Дончиќ; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.
Comments