top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Златен був“ за „План 75“ на Чие Хајакава, заврши 13. Филозофски филмски фестивал

Јапонскиот филм „План 75“ (2022) во режија на Чие Хајакава ја доби наградата „Златен був“ во официјалната селекција на долгометражен филм на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Освен жирито, овој филм ги освои и гласовите на публиката.

„’План 75’, исполнува три услови што го прават многу избалансиран и солиден филм: неговиот кинематографски стил е во дослух со најдобриот јапонски филм, од Јасуџиро Озу до Хироказу Кореда; филозофските проблеми од морална природа што ги поттикнува на соодветен начин, и, нешто многу важно, капацитет да се движи и го оддржува љубопитството; да допре до гледачите, а тоа е крајната цел на филмот, да биде виден и вреднуван од јавноста“, стои во одлуката на жирито во состав: Елизабета Шелева (Македонија), д-р Луис Мартин Ариас (Шпанија) и д-р Нил Кенеди (Ирска).

Меѓународното жири, пак, во официјалната селекција на краткометражни филмови, составено од режисерката Ана Јакимска, визуелниот уметник и истражувач Наташа Неделкова и филмскиот критичар од Луксембург, Том Докал, одлучи наградата „Златен був“ да ја додели на филмот Гробишта на коњи (2022) од Џјанг ‘Шјао’шјуен. Специјалната наградата „Стефан Сидовски – Сидо“, пак, жирито ја додели на филмот „Те молам, потруди се“ (2022) од Даниел Соариш. Наградата „Златен Буф“од страна на публиката во оваа конкуренција отиде во рацете на Тепо Ајраксинен и филмот „Ќебенцето“ (2022).

Инаку, Филозофскиот филмски фестивал кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, годинава по 13. пат се одржа од 2-9 јуни во Кинотеката на Македонија. Во рамките на ова фестивалско издание беа прикажани 40-тина филмови, се одржаа 50-настани, имаше петнаесеттина гости и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“. Незаборавни ќе останат споделувањата на размислувањата на ексклузивните гости режисерот Иво Трајков и Кшиштоф Зануси, чии најнови оставрувања беа прикажани на фестивалот. Фестивалот годинава се одржа под мотото „Сè е филм, во множина“, инспирирано од големиот француски филмски великан од новиот бран Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого фестивалот подготви специјален сегмент „Фокус Годар“ и по прв пат на големиот екран беа прикажани епизоди од неговите „(И)стории на филмот“. Традиционално на главниот дел од програмата му претходеше и едукативната програма, поделена во три сегменти: Средношколска видео лектира, Работилници за млади и Фил(м)ософија со деца.

Филозофскиот филмски фестивал е единствениот филмски фестивал во Македонија и регионот што се одвива на крстопатот помеѓу филозофијата и филмот, и еден од ретките во светот коишто работат во областа на филм-философијата.




0 views

Comments


bottom of page