„Зимскиот салон“ се претставува во уметничката галерија „Безистен“ – Штип
22.03.2024 Mart Petok
Изложбата „Зимски салон“ на темата „Интимност и интерконекција“ е подготвена да се претстави и пред штипската публика. Отворањето е денеска, во уметничката галерија „Безистен“ – Штип.
– Учеството и интересот на уметниците членови на ДЛУМ за Зимскиот салон отсекогаш биле големи и предизвикувачки. Пристапот при селекцијата на делата од страна на кураторите ја прави оваа биенална изложба сè поатрактивна од ликовен аспект. Експериментирајќи со сите медиуми на изразување, Зимскиот салон е значаен токму поради тенденцијата, како на кураторите така и на уметниците учесници, да креираат современи и концептуални ликовни формати. Годинашната кураторка Oксана Карповец од Украина, која денес живее и работи во Париз, Република Франција, на македонските уметници членови на ДЛУМ им предложи многу актуелна и провокативна тема, која во себе содржи повеќе нивоа на конципирање со многуслојни асоцијации. „Интимност и интерконекција“ е насловот на годинашниот кураторски проект во кој уметниците креираа и создадоа ликовни концепти со различни ликовни идентитети – вели претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска.
Кураторката Оксана Карповец подвлече дека не е важно дали уметниците што ја рекреираат оваа интимност во својата практика зборуваат за апстрактна космолошка врска со сè во светот преку небото и ѕвездите, за врската со природата, со земјата или со личната врска, со историските настани што се запишани во нивните семејни истории или, пак, едноставно ги прикажуваат животот и практиките на нивните заедници, пренесувајќи глобално чувство на вознемиреност за иднината на човештвото и планетата.
Comments