top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Земјите од регионот ги избраа филмовите за трката за „Оскар“

Доделувањето на наградите „Оскар“ на Американската академија за филмски уметности и науки, по 95. пат, ќе се одржи на 12 март 2023 година, во „Долби театарот“ во Лос Анџелес. „Оскарите“ се награди за уметнички и технички заслуги за американската и за меѓународната филмска индустрија. Многумина ги сметаат наградите за најпрестижни, најзначајни во забавната индустрија ширум светот

Свечената церемонија на 95. доделување на наградите „Оскар“ на Американската академија за филмски уметности и науки ќе се одржи на 12 март 2023 година, во „Долби театарот“ во Лос Анџелес, а периодов релевантните институции за филм во земјите од регионот ги избраа националните кандидати што ќе бидат во трката за златната статуетка. Како што е познато, македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ е „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар-Митевска. Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука (AMPAS) во состав: Игор Иванов, режисер и претседател на Комисијата; Бранко Петровски, продуцент; Марија Димитрова, продуцент; Куштрим Бектеши, режисер; Милка Анчевска, кастинг-директор; Милан Тоциновски, монтажер; Сандра Чевреска, сценограф и Валдета Исмаили, актерка. Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Мими“ на Даријан Пејовски.

„Најсреќниот човек на светот“

Инаку, „Најсреќниот човек на светот“, кој премиерно беше прикажан на годинашниот 79. Филмски фестивал во Венеција, е психолошка драма и зборува за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно, за да може да се продолжи со животот во мир по војна. Дејството се случува во Сараево, филмот е снимен на босански јазик, а остварувањето е базирано на вистинска приказна на Елма Татарагиќ, коавторка на сценариото и долгогодишен селектор на Сараевскиот фестивал. Во филмот главните улоги се на: Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ од БиХ, а во споредна улога е нашата Лабина Митевска. Останатите улоги ги толкуваат Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија, во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ. Директор на фотографијата е Белгијката Вирџини Сент Мартен, монтажер е Пер Киркегард од Данска, а дизајнер на звукот – Ингрид Симон од Белгија.

Бугарија, пак, за свој кандидат за „Оскар“ го избра филмот „Во срцето на машината“ на режисерот Мартин Макариев, во кој игра и македонскиот актер Игор Ангелов. Изборот беше соопштен од Националниот филмски центар на Бугарија, а со Комисијата претседаваше првата бугарска актерка номинирана за „Оскар“, во американскиот филм „Борат 2“ во режија на Саша Барон Коен – Марија Бакалова.

„Во срцето на машината“

Филмот „Во срцето на машината“ е трилер, награден со „Златна роза“ на Филмскиот фестивал во Варна во 2021 и добитник е на наградата за најдобар филм на Софија филм фест во 2022. Инаку, Игор Ангелов последниве години има успешна филмска кариера во Бугарија и е најпознатиот македонски актер во оваа земја. Во публикацијата на бугарското издание на престижното киносписание „Космополитен“, тој беше дефиниран како „нежниот џин кој ги освои нашите срца“ што се однесува на бугарската филмска публика. Самиот Ангелов, пак, неодамна коментираше дека е пријатно изненаден што преку своите улоги станал популарен во Бугарија и рече дека ова е признание за неговата работа. Во Бугарија е познат и по улогата во македонската серија „Преспав“, каде што дел од тимот сценаристи е бугарскиот писател Александар Попов.

Српски кандидат за „Оскар“ е филмот „Црнила“ (Мрак) на Душан Милиќ. Филмот следи неколку дена од животот на едно семејство во изолирана и незаштитена енклава во Косово и Метохија. „Со тензија, атмосфера, вешт кинематографски јазик и елементите на хорор, филмот нè воведува во светот на страв и неизвесност, во кој три генерации од едно семејство се обидуваат да задржат привид на нормален живот. Поради силните емоции, универзалноста на темата и ликовите, Комисијата верува дека филмот успешно ќе комуницира со меѓународната публика и со членовите на Американската академија за филмски уметности и науки“, стои во образложението на српската Комисија за избор.

Филмот „Елегија на ловорот“ (Елегија ловора) е црногорски кандидат за 95. награда „Оскар“. Долгометражниот филм по сценарио и режија на Душан Касалица е едногласно избран од Комисијата за избор на Министерството за култура и медиуми, но беше и единствениот пријавен кандидат.

Хрватското друштво на филмски работници, пак, го избра дебитантското остварување на Јурај Леротиќ „Безбедно место“, за хрватски кандидат во категоријата најдобар меѓународен игран филм. Комисијата од 15-мина членови со мнозинство гласови го избра овој филм од деветте што беа во конкуренција. Режисерот Јурај Леротиќ го потпишува и сценариото, а е и главен актер. Играат и Горан Марковиќ и Снежана Синовчиќ-Шишков. „Безбедно место“ се базира на личното искуство на авторот Леротиќ и зборува за ненадеен обид за самоубиство, кој отвора празнина во секојдневието на едно тричлено семејство. Нивниот живот се менува од темел и тие како да се вовлечени во војна невидлива за сите други. Дејството се одвива во краток временски период и е сведено на најакутното – да се спаси ближниот.

„Безбедно место“

Филмот веќе освои голем број признанија: на 75. Филмски фестивал во Локарно, во програмата „Concorso Cineasti del presente“, ги освои наградите за најдобар режисер, актер и дебитантски игран филм; на Сараевскиот фестивал освои две „Срца на Сараево“ – за најдобар игран филм и за најдобра машка улога, потоа ја доби наградата CICAE на Меѓународната конфедерација на уметнички кина за најдобар игран филм, како и наградата „Синевропа“. (Н.И.Т.)





1 view

Comments


bottom of page