top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Здравствената криза и натаму фрла сенка врз фудбалот

НА ТРИЕСЕТИНА ДЕНА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ЕП

Одложено Европско првенство (ЕП) 2020 во фудбал треба да почне за триесетина дена со натпреварот Италија – Турција, во Рим, на 11 јуни, но здравствената криза и натаму фрла сенка над турнирот, кој првпат ќе се одржува во 11 града низ континентот. Даблин требаше да биде 12-от град домаќин, но отпадна откако локалните власти не можеа да гарантираат минимален број гледачи на натпреварите. Мечевите од Даблин се префрлија во Санкт Петербург и во Лондон. Билбао отпадна од иста причина како и Даблин, но Шпанија, во Севилја, сепак ќе организира четири натпревари, пишува агенцијата „Франс прес“ (АФП). По една година фудбал на празни стадиони, Европската фудбалска унија (УЕФА) реши да има навивачи на натпреварите на ЕП летово, на кое ќе учествуваат 24 репрезентации, меѓу нив првпат и Македонија, која ќе игра во групата со Австрија, Украина и Холандија, во Букурешт и во Амстердам. За сите стадиони, со исклучок на Минхен, веќе е потврдено дека ќе има од 25 до 100 отсто навивачи од капацитетите на стадионите. Германскиот град планира најмалку 14.500 гледачи на арената „Алијанц“, но градоначалникот Дитер Рајтер неодамна изјави дека „нема никакви ветувања, од каков било вид, за навивачи на трибините“. Спротивно на тоа, Будимпешта би можела да дозволи целосна исполнетост на арената „Пушкаш“ со 61.000 гледачи, под „строги услови за влез на гледачите на стадионот“. Како и да е, ЕП 2020, кое требаше да биде одбележување на 60-годишнината од првото ЕП, нема да биде панконтинентална забава како што предвидуваше поранешниот претседател Мишел Платини, истакнува АФП.

Од земјите домаќини најавуваат дека ќе нема никакви исклучоци за навивачите со билети, што значи дека тие што доаѓаат од странство би можеле да се најдат во карантин по пристигнувањето или воопшто не им биде дозволено да влезат. Навивачите ќе треба во рок од триесетина минути да пристигнуваат на стадионите, за да се ограничат собирањата надвор. По сето тоа, на ред доаѓаат фудбалот и надежта дека второто ЕП со 24 селекции ќе ги оправда очекувањата на теренот. Списокот кандидати за највисок пласман е долг и останува да се види кои репрезентации ќе имаат корист од едногодишното одложување. Со мечевите во групата на „Вембли“ и стимулот за играње во полуфиналето и во финалето на домашен терен, на Англија ѝ се даваат големи шанси. Но во комбинација се уште неколку репрезентации. Франција е актуелен светски првак и посакува да го повтори успехот од 2000, кога победи на ЕП, како актуелен светски првак од 1998. – Не се освојуваат титули само со еден клик на прстите. И другите земји напредуваат. Но кога ќе почне натпреварувањето, ние сакаме да отидеме што е можно подалеку – изјави селекторот на Франција, Дидие Дешамп за АФП.

Португалија, која ја победи Франција во финалето на ЕП 2016, нема лесно да се откаже од титулата, иако Кристијано Роналдо има 36 години. Тие се во истата група со „триколорите“, и со Германија за чиј потенцијал постојат големи сомнежи, на последниот голем турнир под водство на Јоаким Лев, како селектор. На СП 2018 година во Русија, Германија доживеа вистински дебакл, потоа загуби од Шпанија (0-6), а неодамна беше победена на домашен терен од Македонија (1-2) во квалификациите за СП 2022. Шпанија исто така не се прослави на СП 2018, кога селекторот Жулен Лопетеги си замина пред турнирот, но сега се во многу подобра форма под водство на Луис Енрике и ќе играат дома, во Севилја во групната фаза. Холандија и Италија со подмладени екипи натпреварите во групата ќе ги играат на домашен терен што е предност. Полуфиналистот од СП 2018, Белгија, која и натаму е најдоброрангирана нација во светот, има одлични играчи и на неа треба многу сериозно да се смета.


2 views

Comments


bottom of page