Збогум маестро Александар Џамбазов, остави неизбришливи траги во македонската музичка историја
25.01.2022 januari Vtornik
Ин мемориам: 03.02.1936-25.01.2022
Денеска не напушти маестро Александар Џамбазов, истакнат македонски композитор, диригент, долгогодишен член на СОКОМ, втемелувач на македонската детска и популарна музика. Неговото творештво опфаќа оркестарски, хорски, камерни дела, забавни мелодии, песни за деца, музика за филм и за театарски претстави…
За него музиката беше алфа и омега, постојано опкружување, муза и инспирација.
Маестро Џамбазов за неколку дена требаше да наполни 86 години. Целиот работен век го мина во Македонската радио телевизија како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Меѓу младите беше познат како иницијатор, основач и диригент на детскиот фестивал „Златно славејче“.
Не постои македонски пејач или музичар кој не бил негов ученик, или со кого тој не соработувал. Сите што го познаваа овој голем уметник, но добар и скромен човек, со почит и тага на социјалните мрежи се простуваат од Александар Џамбазов, кој остави неизбришливи траги во македонската музичка историја, за што е награден со највисоки признанија. Монографија за неговиот богат живот и плодна музичка кариера напишаа Јелица и Елена Новаковски.
На 15 април 2016 година во Домот на АРМ со концерт за паметење маестро Џабазов ги одбележа своите 80 години живот полн со музичко творештво. И тогаш, на крајот на концертот, кога го замолија да застане на диригентскиот пункт, тој се пошегува дека никогаш немал толку голема трема.
„Ви посакувам на сите да ме надживеете и да имате среќа да имате деца како што се моите Тања и Игор“ – рече во таа прилика Џамбазов.
А неговиот син Игор, тажната вест за заминувањето на татко му ја објави на социјалните мрежи со зборовите:
„Си замина нашиот МАЕСТРО, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години…од денес, конечно со својата Анче…вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој…“.
Александар Џамбазов е роден на 03.02.1936 год. во село Стапар, Војводина, Р.Србија од мајка Цветанка-домаќинка и татко-Методи-учител од Штип, кој бил преместен во 1934г. во Војводина поради своите напредни идеи. Во 1947г. во Скопје го завршува најпрво нижото музичко училиште (започнато во Штип) и средното – 1956г. Истата година се запишува на Музичката академија во Белград, каде дипломира во 1960 година. Веднаш по дипломирањето поканет е да работи во Радио Скопје, и тоа најпрво како соработник во Редакцијата за сериозна музика, потоа во Редакција на забавна музика и музичката продукција, а од 1964 година е назначен за диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, каде останува до неговото пензионирање.
Comments