Збогум Жан Пол Белмондо: Mагнетната ѕвезда на францускиот Нов бран почина
Го споредуваа со Марлон Брандо и Џејмс Дин за неговите славни прикази на тешки, отуѓени ликови. Жан Пол Белмондо, суровиот актер чии прозирни очи, нос на боксер, сензуални усни и циничен поглед го направија идолизирана персонификација на младешкото отуѓување во францускиот Нов бран, особено во неговата класична изведба како егзистенцијален убиец во култното дело на Жан-Лук Годар „До последен здив“, почина во понеделникот во неговиот дом во Париз на 88-годишна возраст. Како Хемфри Богарт, Марлон Брандо и Џејмс Дин – тројца американски актери со кои честопати го споредуваа – Белмондо ја стекна својата репутација играјќи остри, несентиментални, дури и асоцијални ликови кои беа оддалечени од буржоаското општество, пишува „Њујорк тајмс“ еден ден по смртта на еден од неколкуте преостанати легенди на филмската индустрија. Подоцна, како една од водечките француски sвезди, тој презеде улоги кои повеќе им се допаѓаа на луѓето, но без целосно да се откаже од својата магнетна дрскост. Белмондо глумеше во повеќе од осумдесет филмови и зад себе остави улоги за паметење. Славата ја стекна глумејќи во класикот „До последен здив“, кој се смета за еден од најраните и најуспешни примери на францускиот Нов бран. Улогата на ситниот циничен гангстер Мишел во култниот филм на Годар, тогаш 26-годишниот Белмондо преку ноќ ќе го вивне во ѕвездите. Жан-Пол Белмондо во „До последен здив“ (1960) Белмондо беше една од најголемите француски филмски sвезди во текот на 1960-тите и 1970-тите, заедно со неговиот колега и ривал Ален Делон. Тие двајца беа меѓу клучните фигури на европскиот филм во тоа време, а Белмондо се истакна во филмови од сите жанрови – од ноар, трилер до комедија. Жан Пол Белмондо во „Телото на мојот непријател“ (1976) „Ројтерс“ открива дека еден од неговите професори по глума спектакуларно промашил во проценката за Белмондо за кого рекол дека „со такво хулиганско лице никогаш нема да успее“. Белмондо на таквиот коментар одговорил со непристоен гест. Жан Пол Белмондо и Ален Делон во „Последната пресметка“ (1998)
Comments