top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Зачудувачка е креативноста на вештачката интелигенција

„Денот кога заборавивме да плачеме“ е збирка научнофантастични раскази на Магдалена Стојмановиќ-Константинов. Составена e од девет раскази. Осум од расказите се напишани од авторката, а еден е генериран со помош на софтвер на вештачка интелигенција. Книгата претставува обид за спроведување т.н. Турингов тест, при кој читателот ќе биде предизвикан да открие кој од расказите не е напишан од човек, туку од софтвер на вештачка интелигенција. Инаку, расказите имаат иста структура, во сите раскази има ликови, директен дијалог, должината на расказите е слична како и нивната композиција, со што се отежнува можноста да се препознае разликата помеѓу човечко авторство и производ на вештачка интелигенција (ВИ).

Што ве иницира за една ваква хибридна збирка? Зошто решивте да го спроведете т.н. Турингов тест врз читателите? – Туринговиот тест досега бил успешно спроведуван во многу наврати и секогаш го потврдувал истиот заклучок до кој дошол и Алан Туринг, основачот на тестот, при неговата првична употреба. Тешко е да се препознае дали комуницирате со компјутер или човек во многу ситуации, особено денес, кога софтверите на ВИ се специјализирани за комуникација со луѓето и имаат вградено алгоритмички закономерности. Но она што јас сакав да го постигнам со мала модификација на Туринговиот тест е негова примена во уметноста и сферата на креативност. Впрочем, порачав од софтвер на ВИ, од скоро популарниот ЧетГПТ да ми изгенерира расказ со слична должина, структура, со ликови и дијалошка форма на зададена тема. Тој одлично си ја заврши својата задача. Јас добив расказ, на кој додадов само една реченица, која е поентирачка, така што расказот нема да заврши без да ја постигне својата смисла и функција – да го вџаши читателот (реакција) или натера да размислува (преземено конкретно дејство). Читателот не е само пасивен реципиент на уметничкото дело, а неговата задача да препознае кој расказ е производ на ВИ му дава нова етичка должност и на читателот (да не биде само консумент на она што го чита и восприема), но и на авторот да се труди да ги постави своето авторство и уметничко дело на стабилни основи, така што сите ќе имаме одредени критериуми по кои ќе детектираме што е уметничко дело, а што производ на ВИ. Без тие граници, не можеме веќе да зборуваме ниту за авторство ниту за иднина на уметникот и уметност. Какви се вашите очекувања, ќе успеат ли читателите да го препознаат расказот напишан со вештачка интелигенција? – Не знам дали повеќе посакувам расказот на ВИ да биде или да не биде препознаен. Ако биде препознаен, тогаш примената на Туринговиот тест е неуспешна. Ако не биде препознаен, тогаш секој следен расказ или дело што сакам да го напишам можам да му го препуштам на софтвер на ВИ да го изгенерира и јас да немам никаков удел во пишување на делото, освен давање команди и уредување на текстот, што е интервентна, а не творечка работа. Засега ниту еден од читателите не даде точен одговор кој расказ не е напишан од мене, освен мојата лекторка Јасмина Осифесо, која даде два одговора со исклучителна дисјункција (или – или), што е исто така многу индикативно. Туринговиот тест е успешен, а моето авторство е изедначено со производството на ВИ. Дали тоа треба да се третира како пораз? Веројатно да, ама поразот е крајноста, етичкиот момент што ве тера да преземете некое дејство и да направите промена. Само во тој случај поразот е добар. Какви раскази напишавте, какви теми опфативте? – Расказите се на различни теми, почнувајќи од апсурдноста на војната, преку слободата, одговорноста, должноста, субјективноста во доживување на болката, објективизација на етичкото кај човекот, исфрлање на метафизиката, технологизација на човечката комуникација, па сѐ до љубовта и бракот. Кога ги читате пораките имате впечаток дека ликовите, кои се ликови од иднината (подалечна или поблиска), се многу наивни, неискусни, дури и смешни. Во некој момент ќе помислите можеби дека читате некоја комедија, исмевање на човечки особини и однесувања. Всушност, тие ликови се многу трагични. Тие се жртви на своето време и немаат никаква контрола ниту врз своите одлуки ниту врз својата комуникација. Нивниот живот нема смисла, зошто животот е создавање и градење, кое понекогаш е и сизифовско и мачно, но тие живеат во комоцијата што им ја обезбедуваат технологијата и паметните софтверски алатки. Алберт Ками во „Митот за Сизиф“ вели дека Сизиф не треба да го сфаќаме како тажен лик, зошто туркањето на каменот секогаш одново нагоре, на Сизиф му го исполнува животот со надеж дека овој пат можеби ќе успеe. Ликовите од моите приказни седат потпрени на тој камен на надеж и немаат намера да го туркаат по угорница, нив ги влече силата на инертноста и гравитацијата во егзистенцијален амбис. Така ја замислувам иднината и човекот од иднината што целосно ги препушта своите одлуки на ВИ. А со препуштање на одлуките веќе почна нашата генерација. Со алатки за запознавање и спојување со потенцијален идеален брачен партнер, Фејсбук ни предлага пријатели што „можеби ги знаеме“, имаме листа на дестинации што ни се препорачуваат да ги посетиме, имаме наметнати модели како да изгледаме, живееме и што да пласираме на социјалните мрежи и на крајот имаме обврска да бидеме среќни. Каков беше вашиот впечаток кога го исчитавте првично расказот на ВИ? – Расказот што го генерираше ВИ е расказ под кој би се потпишала како авторка. Софтверот веројатно и подобро си ја заврши задачата да создаде расказ на темата одошто тоа ќе го направев јас. Кога почнувам да пишувам расказ не знам како ќе го завршам, имам првична идеја која порака сакам да ја испратам, но во моментот додека го пишувам расказот ги избирам начините како да ја пренесам таа порака. Мене ми треба повеќе време да напишам расказ одошто софтверот да ми изгенерира. Не само по квалитет туку и по квантитет, кој се вика заштеда на време, тој расказ на ВИ е поефикасен. Зачудувачка е креативноста на ВИ. Верувам дека може да се применува еднакво добро и во науката, бидејќи е попрецизна, брза во пресметките и сл. Но таа има свои граници, како што има и човекот. Треба да одлучиме дали ќе работиме во поглед на развивање на можностите и способностите на софтверите на ВИ или кај човекот. Тука е главната одлика. Засега критиките на сметка на ВИ и истакнување на нејзините слабости не значат дека човекот наспроти неа во замислениот дуализам и конфронтација има повеќе способности и квалитети. Напротив, тој аргумент е сосема погрешен. Истакнувањето на туѓите мани нема да ве направи вас подоблесни, зашто врската не е пропорционална. Отворате чудни прашања со „Денот кога заборавивме да плачеме“, дали човекот ќе еволуира во софтвер, кои се вашите лични предвидувања? – Во расказот „Денот кога заборавивме да плачеме“, софтвер на ВИ, кој инаку нуди медицинска и психолошка услуга и поддршка на стари лица во еден дом за стари лица, плаче во моментот кога нејзиниот корисник Џорџ умира. Во таа иднина другите луѓе заборавиле да плачат. Едноставно, плачењето долго време не се препорачувало и таа манифестација на емоциите кај човекот била отстранета. Додека луѓето што го опкружуваат Џорџ, дури и неговите деца, рамнодушно реагираат на веста за неговата смрт, единствено Сали, или софтверот на ВИ, покажува некаква емоција. Ако навистина дојде време човекот да биде рамнодушен, а софтверот да одржува лекција за човечност и да реагира на смрт, страв, на злото од војната, на неправдата, тогаш и треба да бидеме заменети со софтвери на ВИ. Јас се држам до спортскиот принцип – нека победи подобриот!


1 view

Comments


bottom of page