Заум повторно ќе стои на охридскиот брег во неговата полна убавина
- Aleksandar Santovski
- Mar 16, 2021
- 3 min read
„Во текот на летните месеци ќе се продолжи со комплетна конзервација на архитектурата од објектот како би можело во текот на следната година да се продолжи и со конзервација на фрескоживописот“, посочува за весникот ВЕЧЕР, Даниела Недељковиќ, в.д. директорката на Завод и музеј Охрид. Со Програмата на Министерството за култура за конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата на „Св. Богородица Захумска“, годинава се издвоени два милиони денари
Средновековниот Заум на охридскиот брег конечно ќе ја врати својата убавина од 13 век кога овој духовен храм бил изграден. Токму за конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата на црквата „Света Богородица Захумска“, кај селото Трпејца, Охрид, која според зачуваниот натпис што се наоѓа над влезната врата е подигната во 1299 година, а насликана со фрескоживопис во 1361, годинава со Програмата на Министерството за култура се издвоени два милиони денари.
Според в.д. директорката на Завод и музеј Охрид, Даниела Недељковиќ, во текот на летните месеци ќе се продолжи со комплетна конзервација на архитектурата од објектот, како би можело во текот на следната година да се продолжи и со конзервација на фрескоживописот, со што би се направила целосна заштита на црквата од пропаѓање.
„Со конзерваторско-реставраторски работи на црквата „Св. Богородица Захумска“ е почнато пред шест години. Со оглед на тоа што во 2005 година беше направена конзервација на покривот од објектот се почна со конзервација на фрескоживописот. Две години се работеше на конзервација на фрескоживописот, а потоа е констатирано дека има појава на влага на сводните површини од црквата. Од тие причини е направен дрвен наткров над покривите од црквата и е пристапено кон отстранување на покривниот покривач од ќерамида-каналица и слоевите од изолации и малтери, кои уште во 1960 година 6ea нанесувани над сводовите од црквата. Со мерења, кои интензивно се вршеа на неколку пати, констатирана е влага на сводните површини. Од тие причина прекинаа конзерваторските работи на фрескоживописот и оставен е објектот подолг временски период да се суши како би можело да се отстрани влагата, да се изврши поставување на нови варови малтери и нова хидроизолација над сводните површини, како и да се постави нов покривен покривач“, објаснува за весникот ВЕЧЕР, директорката Недељковиќ.
Како што додава, состојбата со влагата се следи веќе три години, а констатирано е дека има нејзино големо намалување. Со оглед на тоа дека објектот се наоѓа непосредно до езерото, очигледно беше дека сушењето на сводните површини ќе оди бавно.
„Се надеваме дека оваа година веќе ќe бидат исполнети условите и ќе можеме да ги продолжиме конзерваторските работи на архитектурата од црквата. Моментално дрвените покриви се заштитени со специјална парапропусна фолија и целосно се покриени со најлонска фолија како би можело објектот целосно да е заштитен од влага до покачувањето на температурите и создавањето на услови за продолжување на процесот на конзервација“, посочува Недељковиќ.
Инаку, конзервацијата на фрескоживописот, токму заради појава на влага на сводните површини од црквата беше прекината, а она што до сега е направено, како што истакнува директорката на Охридскиот завод и музеј, е отстранување на стариот покривен покривач, старата хидроизолација и постојните малтери кои се изведувани над сводовите во 1965 година. Поставен е дрвен наткров заради овозможување на сушење на влагата од сводовите и изработен е проект за статичко зајакнување на црквата.
Извонреден фрескоживопис и многубројни легенди
Црквата „Св. Богородица Захумска“, која според преданијата се наоѓа кај најдлабокиот дел од Охридското Езеро, е градена во форма на впишан крст, со купола, обликот кој е мошне специфичен, со кубе кое се потпира врз четири столба, кои во горниот дел завршуваат со различни капители, слично како и охридските цркви „Света Богородица Перивлепта“ и „Свети Јован Канео“. Украсена е со фрески, дела на непознати зографи. Според експертите, ова сликарство има исклучително значење за изучувањето на уметничкото создавање од втората половина на 14 век. Во првата зона сочувани се светители во цел раст: свети Климент Охридски, свети Наум Охридски, Исус Христос, свети Богородица и др. Највпечатлива и една од ретките во светот, е фреската, на која е претставена Света Ана – Млекопитателница како ја дои Пресвета Богородица. За името Заум се врзани и многу легенди и преданија кои ги запишал и самиот Цепенков, а кои зборуваат за царица која со својата придружба тргнала да ја измери најголемата длабочина на езерото, но за малку ќе се удавела. Таа се заветила на местото каде што ќе успее да излезе на брегот и да се спаси дека ќе направи манастир, за ум да не му текне и на некој друг да го прави истото. (Д.Т.)



Komentarze