top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Застапеноста на жените во науката е актуелна тема

Дебата во „Јуроп хаус“

Колку се застапени жените во технолошките и во СТЕМ-науките, какво е нивното учество во европските проекти, колку соработуваат меѓу себе и како да ја прошират таа соработка? Ова беа дел од прашањата на дебатата „Меѓународен ден на жените и девојките во науката: Сите напред за одржлив и рамноправен развој“, која се одржа во „Јуроп хаус“ – Скопје. На дебатата присуствуваа дваесетина прогресивни научнички од различни сфери. – Застапеноста на жените во науката е актуелна тема и на национално и на глобално ниво. Аспектот на истражувања, развој и иновации, особено во новите политики, се фокусира на талентот, на негово идентификување, развој, зачувување во националните економии, но и привлекување нови таленти. Меѓу нас се научнички и од техничките и од општествените науки, а тој холистички и интердисциплинарен пристап на заедничко дејствување е сè поприсутен, особено во областа на иновациите – вели Катарина Кречева од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Тамара Димитровска повеќе од осум години била дел од истражувачкиот центар на Македонската академија на науките и уметностите, каде што работела на различни истражувачки проекти. Дипломирала на ФИНКИ, каде што денес е на докторски студии. Со едукативниот центар „Скампер“ преку ФИТР развиле програма за децата уште од рана возраст да се запознаат со основата на концептите во техничките науки. – Почнавме да работиме со рана едукација на деца преку различни типови едукативни роботи. Целта е децата да се научат од почеток да размислуваат преку примерните концепти што се користат во технологијата и да бидат активни креатори, а не само пасивни корисници на технологијата – објасни Димитровска. Во соработка со ФИТР на УКИМ се отворени три лаборатории „Фаб-лаб“. Јелена Џокиќ е единствена жена менаџер на една од лабораториите, сместена на Машинскиот факултет, каде што е доцентка. Според неа, тоа се места каде што младите ќе можат да работат со нови технологии, ќе се дообучат, но и ќе имаат соработка со стопанството. – Во земјава е во процес на изработка национална стратегија за паметна специјализација, која првпат ги идентификува силните страни во нашата научноистражувачка дејност и индустријата. На регионално ниво само нашата земја ја нема оваа стратегија, но сите европски програми, „Хоризонт“, „Еразмус“, „Еурека“, се базираат и се повикуваат на овие документи – вели Емилија Фиданчевски, професорка на Технолошко-металуршкиот факултет. Оваа стратегија ќе биде патоказ за трансформација, за промени. Најголем удел и значење им се даде на индустријата, образованието, на владиниот и невладиниот сектор. – Сите ќе учествуваат во стратегијата оти ги интегрира научните предизвици, иновативните, економските и се осврнува на социјалните предизвици на едно општество. Иднината е во мултидисциплинарноста, тие проекти секогаш даваат повеќе – вели Фиданчевски. Дел од дебатата беше и Христина Спасевска, професорка на Факултетот за електротехника и информациски технологии, која како професорка 15 години работи на проекти од Европската комисија и на повеќето од нив е лидерка на тим. Во последните десетина години со европски пари беше формирана голема лабораторија на ФЕИТ. Таа зборуваше за новостите и можностите што ги нуди Форумот на Европскиот иновациски совет, како и Мила Велковска, која е проектна истражувачка во Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење и студентка на докторски студии на Машинскиот факултет, на насоката Индустриско инженерство и менаџмент.



0 views

Comments


bottom of page