„Заспаната убавица“ распродадена: безвременскиот балет на 17 и 21 ноември во МОБ
Безвременскиот, волшебен класичен балет „Заспаната убавица“, преточен во прекрасната музика на Петар Илич Чајковски, ќе се изведе на 17 и 21 ноември со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и Балет. Билетите за претставата на 17 ноември се распродадени. Диригент на претставите е Бисера Чадловска, кореограф е Виктор Јаременко (Украина), асистент-кореограф е Тетјана Белецка од Украина, сценограф и костимограф е Миодраг Табачки од Србија, светло-дизајн – Милчо Александров, концерт-мајстор – Јане Бакевски, соло виолина – Климент Тодороски. Во главните улоги на 17 ноември ќе настапат: Мими Поп Алексова-Атанасовска, Франциско Хименез Руиз (Шпанија), Аманда Роча (Бразил), Ангела Велевска. Во главните улоги на 21 ноември ќе настапат: Марија Кичевска-Шокаровска, Франциско Хименез Руиз (Шпанија), Наташа Трендафилова-Гицев, Ангела Богатинова. Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и Балет. Вечната борба помеѓу доброто и злото, класичната балетска бајка „Заспаната убавица“ од Петар Илич Чајковски ја воодушевува публиката на најголемите светски сцени повеќе од 100 години. Сложените варијации, брилијантната изведба и чистата класична техника го прават овој балет од бајките врвен балетски бисер.
Komentáre