top of page

Започнува Светското првенство: Реприза на 2010, ама улогите се поинакви

11.06.2026 Juni Cetvrtok

По шеснаесет години повторно ќе ги гледаме истите ривали на отворањето на Светското првенство. Но, овојпат улогите на домаќини се заменети. Мексико ќе го отвори Мундијалот на легендарната „Ацтека“ против Јужна Африка. Пред шеснаесет години Светското првенство беше отворено со фантастичниот гол на Сипиве Чабалала за водство на Бафана Бафана, а потоа мексиканската фудбалска икона Рафа Маркес израмни десетина минути пред крајот и спречи почеток од бајките на африканскиот Мундијал.

Сега би било вистинско изненадување доколку видиме сличен исход на отворањето. Мексиканците се апсолутни фаворити против Јужна Африка. Не треба многу да се зборува за еуфоријата што владее во оваа фудбалски опседната земја од Централна Америка. Ова е нивно трето домаќинство на најголемата светска фудбалска сцена и се надеваат дека ќе го повторат, а можеби и ќе го надминат успехот од претходните две организации. Тоа значи пробивање на психолошката бариера што ја фрустрира целата нација со децении – пласман во четвртфинале.

Мексико досега бил меѓу осумте најдобри репрезентации во светот само кога бил домаќин на Светските првенства во 1970 и 1986 година. По последното домаќинство беше дисквалификуван за Италија 1990, а на следните седум Мундијали секогаш стигнуваше до осминафиналето. И секогаш испаѓаше таму! На претходното Светско првенство, за првпат по 1978 година, не успеа ниту да ја помине групната фаза. Таков неуспех сега би претставувал национална трагедија.

Во група со Јужна Африка, Чешка и Јужна Кореја, популарниот Ел Три е голем фаворит. Всушност, во Мексико никој не гледа на минувањето на групата како на успех. Целта е најмалку уште две успешни рунди во нокаут-фазата и место во четвртфиналето.

За таков подвиг Мексиканците имаат сериозни адути. На клупата е искусниот Хавиер Агире. Тој веќе ги водеше на два Мундијала (2002 и 2010), кога стигнаа до осминафиналето. На располагање има ѕвезди од домашното првенство како Брајан Гутиерез, Ерик Лира, Хесус Гаљардо и Армандо Гонзалез, но и добро познати имиња од европскиот фудбал: Раул Хименес, неговиот презимењак Сантијаго Хименез од Милан, Едсон Алварез, како и Хулијан Кињонес, кој беше неверојатно ефикасен во Саудиска Арабија. Станува збор за навистина опасен тим.

Колку се мотивирани да ја одушеват домашната публика покажува и фактот што федерацијата и селекторот организираа подготвителен камп подолг од еден месец, а домашните клубови, иако беа во борба за најважните трофеи, мораа да ги ослободат своите најдобри играчи.

Што се однесува до „Бафана Бафана“, одамна немале послаб состав. Се враќаат на најголемата сцена за првпат по домашниот Мундијал, откако пропуштија три последователни Светски првенства, и не влеваат голема доверба. Податокот дека нивна најголема ѕвезда е резервниот напаѓач на Барнли, Лајл Фостер, доволно говори за квалитетот на тимот што го предводи искусниот Белгиец Уго Брос.

Во минатото барем имаа по некое звучно име како Фил Масинга, Лукас Радебе, Квинтон Форчун, Бени Мекарти или Стивен Пиенар. Денес ситуацијата е многу поскромна и јадрото на репрезентацијата го сочинуваат играчи од Мамелоди Сандаунс, еден од најсилните клубови на африканскиот континент.


 
 
 

Comments


bottom of page