Замина поетесата Катерина Аџи Грозданова, останаа нејзините стихови…
“Секоја реч е малку, да се опише таа Љубов на жената земена во било кој облик. Мајка, девојка … секоја реч си има своја големина, тежина и моќност. Зад се ова што е овде впишано, се живите ЖЕНИ, нивните животи, нивните приказни, помалку весели или тажни…“. Вака поетесата Катерина Грозданова пред само пет месеци ја најавуваше својата последна книга “Жена 2“ која сите не допре со силината на своите емоции. За жал, повеќе нема да се радуваме на нејзините нови стихови, на нејзините зборови искажани од нејзе самата.
Поетесата Катерина Аџи Грозданова иако се бореше до последен момент, ја изгуби битката со корона вирусот, а веста за нејзината смрт ја објави нејзиниот сопруг, театарскиот критичар, публицист и долгогодишен новинар во весникот ВЕЧЕР Борче Грозданов, син на познатиот театарски и филмски актер Мите Грозданов.
“Кети тргна кон патот на светлината и царството небесно. Господи отвори и го тој пат и прими ја при себе“.
Инаку, Катерина Аџи Грозданова, која на јавноста и е позната по своите поетски и прозни дела, пред неколку месеци, поточно на 10. јуни ја промовираше поетската книга ,,Жена 2. Таа е автор и на книгите „На попатнина кон Дома…” -поетска – проза (2015), „Трпеза” – раскази (2016). Книгата „Љубов – Патешествие“ ја напиша заедно со својот сопруг Борче Грозданов, а нејзиниот дел е „Љубов“. Оваа книга излезе од печат во 2017, а во 2018 и нејзината поетска збирка „Жена“.
Кети заедно со својот сопруг Борче, ја уредуваше специјализираната веб страница “Наше театарче“ .
Comentários