top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Замина актерот Трајче Ѓоргиев, основач на фестивалот „ПАНФИЗ“

Комеморацијата по повод смртта на актерот Трајче Ѓоргиев (1967 – 2023), основач и главен двигател на Меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар „ПАНФИЗ“, кој почина на 56-годишна возраст ќе се одржи на 6 јуни во Македонскиот народен театар, во 12 часот. Ѓоргиев ќе биде погребан на 5 јуни, на Градските гробишта Бутел, во Скопје.

Ѓоргиев дипломирал на ФДУ, а неговата прва улога е во МНТ како Акаст во „Мизантроп“ (1989). Во 2005 ја режирал и одиграл „Човекот“ од Марсел Марсо и со неа се стекнал со титулата магистер по пантомима на Академијата за театар и филм „НАТФИЗ” во Софија, Бугарија.

-Тој го основаше фестивалот за пантомима „ПАНФИЗ“, кој веќе 16 години опстојува кај нас, притоа одржувајќи го овој жанр во театарската уметност и успевајќи да донесе некои од најдобрите светски пантомимичари. Трајче Ѓорѓиев ќе изјави: „Јас се трудев преку формата да се дојде до суштината… за мене лично формата како почетно зрно на креирање една улога, нека е и најкратка што може да биде, е еден пат, еден начин да се дојде до суштината“. Тоа е она што ќе остане зад него како вечен спомен и пример, ќе истакнат од МНТ.

Како што ќе посочат оттаму, тој ќе остане нивниот Густав во „Надвор од умот“ (1991), Пандар во „Троил и Кресида“ (1993), Ивковиќ во „Народен пратеник“ (1993), Чинели во „Јануари“ (1994), Спасе во „МКС“ (1995), Етјен во „Кројач за дами“ (1996), Сапорта Робесвјер во „Мисија“ (1998), Благоја Ќелавиот во „Немушт јазик“ (2000), Виргински во „Демони“ (2001), Силјан во „Писание“ (2002), Доктор Финаш во „Болва в уво“ (2007), Тетин Јаков во „Госпоѓа министерка“ (2009), Комесарот во „Подемот и падот на кабарето“ (2013), Фридрих Ниче во „Аферата Елсињор“ (2014), Степан Богданович Лиходеев во „Мајсторот и Маргарита“ (2015), Јанушек во „Прекината одисеја“ (2016), Бил Остин во „МАММА МIА!“ (2017) и Докторот во „Бесачи“ (2019).

Како режисер се потпишува на повеќе претстави работени во Македонија, но и во Србија и Словенија. Во МНТ, во 2004 ја режира претставата „Домарот“, а потоа и „Вишновата градина“ во 2010 и последната „Најкратки драми на светот“ во 2019. Ги режира и документарно-образовната серија „Азбука на пантомимата“, како и документарецот „Осогово, луѓе, села“. Во 2006 за претставата „Човекот“ ја добил наградата за најдобра сценска игра на фестивалот „Златен рис“ во Бања Лука и наградата на директорите на фестивалот на Меѓународниот фестивал во Габрово, Бугарија.

-Не остана само театарската сцена празна за харизматичниот лик на Трајче Ѓорѓиев, остана и телевизиското и филмско платно празно. Остана неговиот глас во натсинхонизациите и неговите улоги во серии, филмови и радиодрами да сведочат за овој голем актер: „Бумбари“ (1989), „Еурека“ (1991 – 1994), „Во светот на бајките“ (1997), „Македонски народни приказни“ (1996 – 1997, 2010), „Погрешно време“ (2000 – 2001), „Големата вода“ (2004), „Турни ме да кинисам“ (2011) „Тврдокорни“ (2013), „Инсајдер“ (2017), посочуваат од МНТ.


0 views

留言


bottom of page