Законот за употреба на македонскиот јазик влезен во владина процедура: Ќе придонесе да се унапредат
Законот за употреба на македонскиот јазик влезен во владина процедура: Ќе придонесе да се унапредат јазичните норми„Ќе биде формиран инспекторат, чија функција ќе биде во насока на подобрување на употребата на македонскиот јазик. Улогата на инспекторатот ќе биде да следи дали навистина ќе се вработуваат лектори во институциите и да укажува за неправилностите при употребата на македонскиот стандарден јазик“, посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска
– Сведоци сме на она што секојдневно се случува во говорниот и во пишаниот македонски јазик и затоа носењето на законот за употреба на македонскиот јазик претставува навистина многу голем чекор. Со него ќе се дорегулираат правните норми за заштита и негување на македонскиот јазик и што треба да направи секоја институција за да може да придонесе кон заштитата на јазикот во таа исклучително важна форма, бидејќи претставува еден од шесте илјади јазици што активно се зборуваат во светски рамки – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во телевизиско гостување.
Министерката појасни дека законот за употреба на македонскиот јазик веќе е влезен во владина процедура и откако ќе се добијат потребните мислења од релевантните институции, ќе влезе во собраниска процедура.
– Ова претставува еден модел на дополнување, заедно со Законот за заштита на културното наследство, бидејќи македонскиот јазик е официјален јазик на територијата на целата држава и, како таков, е уреден со Уставот, а бидејќи ние сме земја потписничка на конвенцијата на УНЕСКО за заштита на материјалното и нематеријалното наследство, македонскиот јазик е дефиниран како духовно наследство и претставува и треба да ужива категорија на заштита од највисок вид. Сметам дека со овој закон ќе се придонесе да се доунапредат јазичните норми во јавното зборување и да одговориме на сите измени што се случуваат, но и да ги дорегулираме. Она што мене ми е навистина драго е да продолжиме да го афирмираме македонскиот јазик и надвор од границите на нашата држава, дали тоа ќе биде во рамките на културно-информативните центри на нашата држава што ги имаме воспоставено или преку соработка со разни странски универзитети каде што, морам да кажам, забележуваме навистина голема заинтересираност за изучување на македонскиот јазик – истакна таа.
Костадиновска-Стојчевска додаде и дека секојдневно сме сведоци на злоупотреба и неправилна употреба на македонскиот стандарден јазик и навистина има потреба да се вработат многу лектори во државните институции, а тоа ќе поттикне да се запишуваат нови студенти на оваа група на Филолошкиот факултет.
– На крајот од денот, јас мислам дека навистина треба да ја зголемиме и свеста за да си го почитуваме сопствениот јазик, бидејќи треба да одговориме на секоја општествена промена што се случува. Но, мораме да си го зачуваме јазикот таков како што ни е – уникатен, со свои особености, онаков со каков што се гордееме. Ако ние немаме свест за тоа како треба да се пишуваат имињата на фирмите, на пример, иако сакаме да биде тоа модерно име што сакаат да го слушнат младите и да биде атрактивно некаде надвор од државата, сепак, мора да бидеме свесни дека ние сме Македонци и дека тоа име треба да соодветствува на нашата земја, на нашиот јазик – додаде таа.
Како што посочи, ќе биде формиран и инспекторат, чија функција ќе биде во насока на подобрување на употребата на македонскиот јазик. Улогата на инспекторатот ќе биде да следи дали навистина ќе се вработуваат лектори во институциите и да укажува за неправилностите при употребата на македонскиот стандарден јазик.
Да потсетиме, за законот за употреба на македонскиот јазик, во јануари, во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, се одржа јавна дебата на која претседателот на Советот за македонски јазик, проф. д-р Људмил Спасов, посочи дека формирањето на инспекторатот ќе помогне одредбите од законот да не останат само на хартија, бидејќи и во сегашниот Закон има членови што не се почитуваат, како задолжителното лекторирање и вработувањето лектори.
– Токму тоа беше идејата во правењето на овој закон, да не остане само на хартија, туку да биде практичен. Токму таа јазична инспекција, што постои во многу држави за многу национални јазици, е оној поттик за да се применува сето тоа во практика. Во досегашниот Закон имаше повеќе желби како да биде, овде сега е сосема јасно кажано какви се условите и како треба да биде – истакна Спасов.
Comments