Задолжителна лектира за идните креатори и костимографи
Промовирана книгата „Костимот во Македонија“
11.03.2024 Mart Ponedelnik
Книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ е сублимат на досегашната работа на Зорка Тодорова-Младеновиќ како костимографка на многубројни филмови, театарски претстави, но и на сите историски костими во Музејот на македонската борба. Таа им ја препорачува оваа фотомонографија на сите што сакаат да се занимаваат со модно креирање и костимографија.– На факултетите и школите за мода денес повеќе се насочени кон модата, а не кон историскиот дел на облеката. Но, ако имаат време, им препорачувам да навлезат и во овој дел на модниот дизајн, како значајна основа. Изучувањето на историјата на облекувањето, поточно на костимографијата и модата, отсекогаш било од голем интерес за мене. На моите студии во Белград и во Париз имав среќа да студирам кај професорите Павле Васиќ, како и кај госпоѓата Ивон Деландр, една од најпознатите историчарки на костими во Франција. Со неа имав можност да влезам во повеќе депоа каде што се чуваа оригинални облеки од минатите векови, а исто така ми овозможуваше да ги гледам ексклузивните модни ревии на најпознатите модни креатори од тоа време – истакнува таа.Во својот работен век како костимографка работела костимографии за повеќе играни филмови („Жед“, „Мементо“, „Истрел“, „Црвениот коњ“, „Прашина“, „До балчак“, „Исправи се, Делфина“, „Војната заврши“, „Хај-фај“ итн.), како и за многу телевизиски филмови и драми и имала можност да истражува и да го запознае костимот и од нашата земја.
– Запознавањето со облеките во Македонија го дополнував и кога ги правев костимите за восочните фигури во нашите музеи во Скопје, Штип, Битола, Ресен и Кавадарци. Во тој период имав можност да соберам огромна документација од записи и фотографии за облеките во Македонија од појавата на фотографијата, па до денес. Како професорка на Факултетот за ликовни уметности, а подоцна и на Институтот за текстил на Технолошко-металуршкиот факултет, ги држев предметите Историја на костим и мода, Креација на мода и Конструкција на уникатна облека. Во тоа време за студентите имав подготвено интерни учебници – вели авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.„Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ ги сублимира сознанијата и знаењата добиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмска и музејска костимографка. Повикувајќи се на големите студии на Ѓорѓи Здравев за македонските народни носии, на Воислав С. Радовановиќ, кој се фокусирал на раскошноста на мариовската носија и на неколкумина други македонски стручни лица, етнолози, и потпирајќи се на својот вроден раскажувачки талент, Тодорова-Младеновиќ создава читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник што го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес.– „Костимот во Македонија…“ е нашиот втор заеднички проект, по „Како да станам моден дизајнер?“, што го сработивме со многу посветеност и љубов, а резултатот е очигледен. Како и во претходната книга, така и во оваа, до израз доаѓа писателскиот стил на Зорка Тодорова-Младеновиќ. Иако станува збор за навидум стручни и специјалистички книги, тие комуницираат со секаков профил на читатели: стручни, нестручни, аматери, љубопитници… буквално секој може да го пронајде својот читателски сензибилитет во овие страници, затоа што Зорка Тодорова-Младеновиќ е роден раскажувач, па дури и од непристапна тема за широката публика успева да направи сигурно засолниште за секого – истакнува уредничката на изданието, Бисера Бендевска.
Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов, во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.Во публикацијата се вклучени два предговора, од професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева и од етнологот и кустос-советничка во НУ Завод и музеј – Битола, Наде Геневска-Брачиќ, кои го воведуваат читателот во содржината на монографијата преку различни визури на нивните професии.– „Kостимот во Mакедонија од појавата на фотографијата до денес“ не е само уште една историја на костимот и облеката туку претставува и вреден пресек и анализа на комплексниот феномен наречен мода и костим – истакнува Лидија Георгиева. С. Ј.
Comments