top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Задоволен сум што и годинава ја завршувам со голем резултат

ЕМИЛ ПАВЛОВ, НАЈУСПЕШЕН МАКЕДОНСКИ КАРАТИСТ

Во новата година ќе си посакам многу здравје, среќа и успеси на спортски план, а исто и на граѓаните на Македонија им посакувам многу здравје, среќа и весели новогодишни и божиќни празници. Новогодишната ноќ планирам да ја пречекам во убаво расположение во домашна атмосфера со моите најблиски од семејството, со насмевка вели Емил Павлов, најдобриот македонски каратист. Павлов, кој е двократен европски првак (во 2014 година и во 2018-та), двапати трет (во 2016 и во 2019), освојувач и на бронзен медал од Европските игри (2015 година) и носител на сребро од Светското првенство (СП, годинава), зборува за „Нова Македонија“ за задоволството од спортските резултати годинава, за плановите за идната, за тоа како во слободното време се мотивира… Годинава бестрашниот штипјанец ја проби и бариерата на светските првенства, со тоа што е првиот македонски каратист што освоил сребрен медал. Задоволството од постигнатиот резултат, секако, не го остава рамнодушен. – Секако дека сум задоволен од тоа што и оваа измината година ја завршувам со голем резултат, односно сребрен медал од СП, што беше и моја голема цел, оти ми недостигаше таков медал покрај четирите медали од ЕП. Сега во моја сопственост е и тој медал, со што испишав нова спортска историја и станав најдобар македонски каратист – вели Павлов, кој е член на КК Штип. Сепак, Павлов жали за она што го пропушти на спортско поле во 2021-та. – Покрај радоста од СП, најмногу ме разочара во 2021 година тоа што не обезбедив норма за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, како и тоа што каратето нема да биде на програмата на следните ЛОИ. Сепак, се надевам дека белите кимона повторно ќе се натпреваруваат на Игрите во 2028 година. Ако ме служи здравјето и доколку каратето биде пак на ЛОИ, јас и понатаму нема да се откажам од мојот олимписки сон – рече Павлов. Празниците ќе поминат, а потоа повторно на татамите, напорните и редовни тренинзи до нови успеси ќе станат секојдневие. Целта е веќе поставена. – Следната година очекувам добро да се претставам на ЕП во мај, како и на Светските игри во САД, каде што со освоеното сребро од СП во Дубаи си обезбедив норма за настап. Тие Игри ќе бидат моја голема цел во годината што следува, а таму ќе бидат само најдобрите осум каратисти – вели Павлов. Како и во речиси сите спортови така и во каратето пандемијата на ковид-19 остави негативна трага. – Пандемијата ги наруши сите спортови и сите спортисти, а лично за мене влијаеше не многу добро, оти пред да почне бев во најдобра форма и го освоив првото место на престижната Премиер-лига во Салцбург. Но сега сето тоа го оставам зад себе и целосно сум фокусиран на други натпреварувања што ме очекуваат – рече Павлов, спортистот на Македонија за 2018 година.

Добрите книги ме мотивираат и ме изградуваат како личност

Кога не сум на татамите и имам повеќе слободно време, сакам да сум во друштво на добри книги, кои, пак, од своја страна, ме мотивираат да бидам уште подобар на татамите, а и ме изградуваат како личност. Не изостанува ни гледањето добри филмови, серии, а неизбежно е и релаксирањето со играње карти со моите домашни, потоа видеоигрите…, вели македонскиот каратист, Емил Павлов, апсолвент на Филолошкиот факултет во Штип.


1 view

Comments


bottom of page