Загуби улоги поради обвинувања за силување, а сега и договор од 12 милиони долари
Планот на „Ентертејнмент артс рисрч инк.“ да го откупи брендот текила „Ембар“ (Ambhar) во сопственост на ѕвездата на „Сексот и градот“, Крис Нот, не успеа по појавувањето на наводите за сексуален напад. Иако тој ги негира сите обвинувања, се чини дека договорот од 12 милиони долари ќе падне во вода. Преговорите, кои почнаа во август минатата година, требаше да бидат финализирани минатата недела, но Бернард Рубин, извршен директор на Entertainment Arts Research Inc., изјави за „Фокс бизнис“: „Во овој момент и со оглед на тежината на обвинувањата нема смисла да се продолжи со овие преговори“. Официјалната веб-страница на „Ембар“ беше угасена во неделата, а портпаролите на компанијата не го коментираа случајот. Нот ја презеде мнозинската сопственост во компанијата во 2018 година и беше клучен за брендот да добие национална дистрибуција. За потсетување, „Пелетон“ ја повлече рекламата со Нот, а се огради и Рајан Рејнолдс, чија медиумска компанија „Максимум ефорт“ учествуваше во креирањето на рекламата. Покрај тоа, Агенцијата за уметници А3 ја прекина соработката со актерот. Во меѓувреме, тој доби отказ и од драмската серија „Еквилајзер“, чија нова сезона треба да почне во јануари. Досега две жени го обвинија Нот за сексуални напади, кои наводно се случиле во 2004 и 2015 година, на што актерот одговори: „Обвинувањата доаѓаат од жени што ги запознав пред години, дури и неколку децении, и сите тие се категорично невистинити. Без разлика дали се тоа приказни пред 30 години или 30 дена, ‘не’ секогаш значи ‘не’ и тоа е границата што никогаш не сум ја преминал. Средбите беа консензуални. Тешко е да не се доведе во прашање тајмингот на овие наводи. Не можам да кажам со сигурност зошто се појавуваат токму сега, но едно е сигурно – јас не ги нападнав тие жени“. Актерката Зои Листер-Џонс рече дека Нот се однесувал несоодветно за време на снимањето на серијата „Закон и ред“ и дека често бил пијан на снимањето.
Comments