Завршна манифестација во Филхармонија: Одбраната на посебноста на македонскиот јазик за Конески е св
Завршна манифестација во Филхармонија: Одбраната на посебноста на македонскиот јазик за Конески е света работа и должностБлаже Конески, тој тивок и кроток човек, добиваше строг лик со кој до крај го бранеше секој збор, секоја буква од македонската азбука, истакна синоќа министерката за култура Ирена Стефоска на завршната манифестација со која се заокружи чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ во Филхармонија.
Министерката во своето обраќање, цитирајќи го лингвистот Трајко Стаматоски, додаде дека Конески во толкувањето на фактите настојувал да биде и да остане непристрасен, се залагал на пошироките балкански простори да завладее поинаков дух во поимањето на работите. „Тој оформи национален, а не националистички пристап во проучувањата. Зашто одбраната на посебноста на македонскиот јазик за Конески е света работа и должност, ‘не е тоа јазик создаван под никаков диктат… и на тие што удирајќи против нашиот јазик лицемерно тврдат дека не работат против нашата нација, ние ќе им одговориме дека прават нешто повеќе: посегаат во светаја светих на македонскиот народ’. На еден од тие циклични напади еднакви на опсесија, Конески одговара: ‘На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: Ваша работа!’“, нагласи Стефоска потсетувајќи дека минатата година беше стогодишнина од раѓањето на Славко Јаневски, а во 2023 ќе биде еден век од раѓањето на Ацо Шопов.
„Сите тројца, основачи на Македонската академија на науките и уметностите и сите тројца со мисија да ни остават силен македонски збор и како благослов и како аманет. Зашто мајчиниот јазик на човека му е и првата и последната мисла“, рече министерката за култура.
Според министерката за образование и наука Мила Царовска, пак, јазикот, уметноста и културата ја даваат смислата на нашите животи и постоење. „Тие се конецот, којшто го испреплетуваат минатото, сегашноста и иднината. Нашиот голем книжевник, академик Блаже Конески, целиот свој талент го посветил и насочил токму во унапредувањето на македонскиот јазик и неговата кодификација, со што придонел да се најдеме во големото семејство на светски признати јазици. Делото на Блаже Конески е аманет кој секој од нас има обврска да го чува и негува, за што е потребна и лична одговорност, но и институционален пристап“, рече Царовска.
Во присуство на покровителот на Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, претседателот Стево Пендаровски и други гости, Оркестарот на Филхармонијата, баритонот Горан Начевски, маестро Дијана Имери Илкоска изведоа дела на двајца великани на македонската современа музика –Томислав Зографски и Тодор Скаловски, во оркестрација на Ангел Спироски.
Беше претставена и изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески – поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата.
Comments